Македонија ќе ја нема ниту на Евросонг во Базел 2025
Македонија повторно нема да учествува на Евровизија. МРТВ ја потврди веста дека нема да учествува на натпреварувањето во 2025 година, со што се продолжува низата од три години отсуство. Финансиските предизвици со кои се соочува националната телевизија се причина за оваа одлука.
Иако МРТВ ќе продолжи да учествува на Детската Евровизија, големата сцена на Евровизија ќе остане без македонски претставник барем уште една година.
МРТ на своите сервиси ќе го пренесува престижниот музички настан, двете полуфинални вечери и големото финале.
Домаќин на Евровизија 2025 ќе биде Базел, соопшти претходно Европската радиодифузна унија. Евровизија ќе се одржи по 69-ти пат во земјата од каде што започна се, Швајцарија. Земјата, исто така, беше домаќин на Евровизија во 1956 (Лугано) и во 1989 година (Лозана). Полуфиналните натпревари ќе се одржат на 13 и 15 мај, а финалето на 17 мај.
Од балканските земји, само Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Албанија и Црна Гора (се враќаат по двегодишна пауза) ќе учествуваат на Евровизија 2025. Некои од овие земји се соочуваат и со финансиски предизвици, што отвора прашања за нивното идно учество. Романија и Бугарија остануваат неизвесни за нивната вклученост.
Последниот настап на Северна Македонија на Евровизија беше во 2022 година со Андреа и песната „Circles“, која се пласираше на 11-тото место во второто полуфинале.
Годишната членарина во ЕБУ (Европски радиодифузен сојуз) и ЦИРКОМ (Организација под ЕБУ) изнедува 16 милиони денари, односно над 260.000 евра. За котизација се предвидени 300.000 денари, односно околу 50 илјади евра.
Македонија за првпат учествуваше на Евровизија во 1998 година, и првиот претставник беше Владо Јаневски со песната ,,Не зори зоро”.
Најголем пласан обезбеди Тамара Тодевска со песната ,,Proud” во 2019 година во Тел Авив, Израел, кога го освои високото седмо место на целокупниот пласман и прво место според гласови од жири комисија. (Л.С.)