Македонија излезе од категоријата „хибриден режим“ на „Економист“ во 2022, а не сега, како што тврди Мицкоски

Македонија напредуваше 10 места на годинешнава листа на „Економист“ и сега е на 62. место. Тоа е добар напредок за државата, но таа сѐ уште е во групата на „демократии со недостатоци“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече:
„Ме радува фактот што после многу години не сме повеќе хибриден режим според ‘Економист’. Сега сме малку погоре, за разлика од другите земји од соседството коишто бележат опаѓање. Ајде да се радуваме на овој успех и да им кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим според ‘Економист’“.
Дали премиерот не знаел или намерно премолчил, може само да се нагаѓа, но Македонија излезе од групата „хибриден режим“ уште во 2022 година, кога „Економист“ го објави извештајот за 2021.
Во тој извештај од 2022 за Индексот на демократијата, кога Македонија стигна до 73. место, стоеше:
„Кај Северна Македонија, која исто така премина во категоријата на ‘демократии со недостатоци’, е забележано скромно подобрување во функционирањето на Владата. Во октомври 2021 година, земјата одржа конкурентни општински избори. Како одговор на поразот на неговата партија на изборите, премиерот и лидерот од владејачката партија Зоран Заев порача дека ќе ја преземе одговорноста и ќе се повлече од двете негови позиции“, стои во извештајот.
Во споредба со извештајот од 2021, имаше скок за пет места. Заедно со Црна Гора и Молдавија, во извештајот Македонија беше во делот „Добри вести од Источна Европа“.
Ваквата оценка премиерот Мицкоски денеска ја даде на прашањето на новинарите како ја коментира вчерашната пишана изјава за „Независен“ на известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, во која европратеникот го изрази својот став за притисокот на Владата врз членови на Судскиот совет и изгласувањата интерпелација за петмина од нив.
„Овој повик од Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е од клучно значење за владеењето на правото и поделбата на власта, кои се фундаментални вредности за патот на Северна Македонија кон ЕУ“, соопшти Вајц за „Независен“.
Премиерот не ја коментираше директно оценката на Вајц, но рече:
„Имавме со известувачот многу плоден и корисен состанок кога беше тука. Дали ќе влијае, тоа е одлука на известувачот и на Комисијата. Но, мене ме радува фактот што после многу години не сме повеќе хибриден режим според ‘Економист’. На 27 февруари излезе податок, чекав да видам да се пренесе, но очигледно се пренесуваат овие, а добрите вести не се пренесуваат“, рече Мицкоски по работната посета на Општина Ѓорче Петров.
Како што рече, Македонија напредува десет места на скалата „и сега веќе не сме хибриден режим“.
„Сега сме малку погоре, за разлика од другите земји од соседството коишто бележат опаѓање. Ајде да се радуваме на овој успех и да им кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим според ‘Економист’, туку дека сме ја унапредиле демократијата. Мислам дека тоа треба и самата Европска унија и известувачот да го забележат и да го стават во својот извештај“, нагласи премиерот.
Веста за напредокот Мицкоски претходно денеска ја соопшти на Фејсбук со порака дека „бележиме скок од 10 места на Индексот за демократија за 2024 година на листата на ‘Економист’, наоѓајќи се на 62. место на листата. Зад Македонија се најдоа Србија, Албанија и БиХ“, напиша Мицкоски.