Македонија изгубила на арбитража, ќе треба да плати 450 милиони долари?
Премиерот Мицкоски денеска соопшти за загубениот спор, но не кажа за кој случај се работи. Само ја обвини претходната влада
Македонија ќе треба да плати 450 милиони долари како резултат на арбитража поради изгубена добивка, соопшти денес на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски. Премиерот не прецизира за кој спор станува збор.
„Еве ќе ви дадам еден пример, да речеме завршува една арбитража и поради едно такво неодговорно однесување на претходната влада сега вие граѓаните ќе треба да платите 450 милиони долари изгубена добивка. Завршена е таа арбитража“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашања на новинари на прес конференција по средбата со здравствените синдикати.
Мицкоски не прецизираше која е арбитражната постапка, а не беше прашан ниту од присутните новинари.
„Независен“ се обиде да добие дополнителни информации од Владата, но на телефонскиот број на портпаролите никој не одговараше.
„Независен“ контактираше и со Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ во Собранието, кој во минатата влада беше потпретседател и одговорен за економските ресори, а беше и на чело на Комисијата за арбитражни постапки. Тој вели дека до него не стигнала информација дека Македонија изгубила арбитражна постапка, како и дека доколку тоа се случело, тој би требало да биде запознаен.
Инаку, прашањето до премиерот Мицкоски се однесуваше дали го има променето ставот за договорот со „Бехтел и Енка“, на што тој одговори дека неговиот став за зделката со „Бехтел и Енка“ во врска со Коридорот 8 не е променет, но како одговорен политичар нема да дозволи да се оди чекор назад од тоа што е почнато.
„Мојот став поврзан со тој коридор и со таа зделка не е променет. Јас до ден денеска истото го кажувам. Но, како одговорен политичар нема да дозволам да одам чекор назад тоа што е веќе почнато, бидејќи на тој начин покрај 350 милиони евра коишто веќе се платени од страна на претходната влада како аванс, а не е ништо направено. Имајќи го предвид тој криминален и антидржавен договор ќе завршиме на арбитража која што сигурно ќе ја изгубиме и така ќе платиме уште нови 350 милиони најмалку долари и ќе дојдеме до цифра помеѓу 700 и една милијарда, а нема да добиеме ниту еден километар автопат“, изјави Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека тој и неговата Влада одлучиле да засукаат ракави и да работат. Парите на граѓаните, додаде Мицкоски, да бидат вложени во образованието итн.
„Јас така нема да се однесувам додека сум премиер. Инаку ставот е ист. Но прашањето е дали ќе бидам неодговорен или ќе бидам одговорен. Неодговорноста значи помалку за вас, а повеќе за тие компании коишто за жал имале работа со несовесни и неодговорни политичари“, рече Мицкоски.
Инаку, во изминатиот период, за време на претходната влада, во неколку наврати беа објавувани арбитражните постапки што се водат против Македонија. Така на пример, на 25 август лани, вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека има две нови арбитражни постапки против Северна Македонија кои би можеле да ја чинат државата нови десетици, па и стотици милиони евра, а заедно со претходните кои што се веќе познати во јавноста, вкупните побарувања надминуваат 1,3 милијарди евра.
Овие две арбитражи се однесуваат за таканаречените „Шпански скали“ во најстрогиот центар во Скопје, и за партнерството во скопската депонија „Дрисла“, за што Битиќи го обвини несовесното раководење, договорите во четири очи и негрижата за јавното добро и години по владеењето на ВМРО–ДПМНЕ.
Претходно, во јули лани, на брифинг со новинари беше соопштено дека вкупната вредност на арбитражните постапки кои што во тој момент се водат против Република Северна Македонија изнесува 1,36 милијарди евра, при што станува збор само за основицата, без затезни камати, кои по правило се предмет на споровите пред арбитражните судови и со кои овој износ се искачува на фантастични над 1,5 милијарди евра.
Тука влегуваат споровите на „Кунико ресорсис“ од Холандија за „Фени индустрис“, потоа две постапки од индиски „Бинани“ во врска со рудникот „Злетово“, на „Ел.Пет Балканики“ за „Окта“, постапката на Блажо Тасев против државата во врска со рудникот „Саса“, потоа на повеќе украински инвеститори во врска со рудникот „Казандол“, како и на турски „Гама Гуч“ за „Те-То“ и најновиот, на италијанската компанија „Инсо системи“ во врска со изградбата на Клиничкиот центар во рамки на комплексот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во овој список не влегуваат други потенцијални арбитражни постапки, како на пример онаа за „Иловица- Штука“ во Струмичко, за кој се стравуваше дека може да надмине една милијарда евра. Инаку, од формирањето на Националното координативно тело во 2017 година до лани, по основа на арбитражни постапки, не се исплатени буџетски средства. (Н.В.)
На истата тема:
Против Македонија се водат арбитражни постапки во износ од 1,36 милијарди евра
Нови арбитражни постапки против Македонија, за „Шпанските скали“, за „Дрисла“…