Македонија и Словачка се искрени и верни пријатели

Претседателката Сиљановска-Давкова за време на посетата на словачкиот претседател Петер Пелегрини уште еднаш побара да не се узурпира процесот на евроинтеграцијата


Гордана Сиљановска-Давкова и Петер Пелегрини (Фото: Б. Грданоски)

 

Словачка е еден од нашите најверни и најпосветени долгогодишни поддржувачи на европската интеграција, со кристално јасна заложба за потребата од проширување на ЕУ. Тоа не го прави само во рамки на Вишеградската група, туку и со активното учество во групата „Пријатели на Западен Балкан“ и со денешната средба, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со нејзниот словачки колега Петер Пелегрини. 

„Двајцата делиме став дека проширувањето мора да се темели на Копенхашките критериуми од кои не треба да бегаме. Значи, да е засновано на заслуги и да е засновано на резултати, да не зависи од дополнителни ирационални политички условувања кои на некој начин го узурпираат процесот на евроинтеграцијата“, рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката Сиљановска-Давкова рече дека нашата надворешна и безбедносна политика, а тоа, како што рече, го знаат сите членки на ЕУ и сите институции и нивни функционери во ЕУ, е целосно усогласена со онаа на ЕУ. 

„Ние продолжуваме активно да придонесуваме за колективната и за регионалната безбедност бидејќи таа безбедност е и наша безбедност, потенцира претседателката.

Денешната средба, како што рече, е потврда дека има одлични билатерални односи меѓу Македонија и Словачка како израз на зеадничката волја и решеност за продлабочување во иднина. 

„Политичките односи беа и денес ги оценивме како исклучително добри. Посакувам подобра економска соработка, но за таа цел го поздравувам потпишувањето на Меморандумот за економска соработка и очекувам да отвори нови можности за проекти, инвестиции и за бизнис партнерства, рече Сиљановска-Давкова.

„Со Словачка нѐ врзуваат заедничкото наследство на светите браќа Кирил и Методиј, блиски култури односи, сестрано и долготрајно пријателство“, рече таа.

Посочи дека верува во културна дипломатија и додаде дека ја цени заинтересираноста на словачката академска јавност за македонски јазик и култура.

Словачкиот поет Иван Штрпка беше добитник на годинашниот „Златен венец на поезијата“. (МИА)