Македонија и Грузија – нови главоболки за ЕУ

Македонија и Грузија се два различни случаи. Сепак, она што е заедничко е неможноста на ЕУ да влијае на внатрешно-политичките процеси во земјите кои генерално гравитираат во нејзината орбита


Европската унија  повторно е во режим на проширување. Во декември минатата година, лидерите на 27-те земји-членки одлучија да започнат пристапни преговори со Украина и Молдавија. Во март годинава зелено светло доби и Босна и Херцеговина. Високи европски претставници, како што е претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, зборуваа дека до 2030 година може да очекуваме нови земји-членки.

Причината за забрзување на процесот на проширување е повеќе од очигледна. Руската агресија против Украина ја натера ЕУ повторно да ја открие улогата и важноста на оваа единствена надворешно-политичка алатка што ја разликува Европа од другите меѓународни играчи. Промената на позицијата на Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон – од скептик во ентузијаст во однос на проширувањето – е повеќе од симптоматична за новото размислување во Европската унија.

Но, да бидеме искрени – старите проблеми и сопки кои го закочија процесот на пристапување до 2022 година сè уште се таму.

Последните неколку недели ни дадоа два јасни примери: Северна Македонија и Грузија.

Двојната победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и претседателските избори е одраз на управувачкиот колапс на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

СДСМ дојде на власт во 2017 година со ветувања дека ќе го забрза членството во НАТО и ЕУ и ќе ја искорени корупцијата што цветаше во времето на Никола Груевски. Од овие ветувања се реализираше само едно – НАТО и тоа по цена на Договорот од Преспа со Грција и промената на името на државата.

Почетокот на преговорите за членство во ЕУ го блокираше прво Макрон, а од 2020 година и Бугарија. До денес, дел од барањата на Софија – главно уставна промена со признавање на бугарско малцинство – се заеднички став на ЕУ.

Северна Македонија формално ги започна преговорите во 2022 година, но не во суштина. Без уставните реформи нема начин да се одржи втора Меѓувладина конференција на која ќе се отворат преговарачките поглавја. А бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираше гласањето за измените во минатиот парламент, евроинтеграциите на земјава засега остануваат „во неизвесност“.

Сепак, посериозниот неуспех, всушност, е неспособноста или неподготвеноста на социјалдемократите да се борат против заробената држава. Демократскиот сојуз на Албанците (ДУИ), еден вид македонски ДПС (Партијата на Турците во Бугарија – н.з.), остана на власт, со соодветна квота во државните назначувања и во јавниот сектор. Низ годините се носеа контроверзни закони со кои се амнестираа луѓе со правни постапки, вклучително и од времето на Груевски.

На крајот се покажа дека граѓаните на Северна Македонија не ја добија ниту ЕУ, ниту ветената правда. За жал, Бугарија се покажа како дел од проблемот, а не решението во соседната земја. Соодветно на тоа, ВМРО-ДПМНЕ, а кај Албанците – коалицијата ВЛЕН (Вреди) го искористија акумулираното незадоволство за да дојдат на власт.

Зборувањето за Европа не го спаси СДСМ, ниту пак му донесе нов мандат на Стево Пендаровски. Напротив, идниот премиер Христијан Мицкоски ги уверува гласачите дека повторно ќе преговара за условите за следната фаза од преговорите со ЕУ. Исто така – дека ќе бара гаранции оти Софија нема повторно да го применува ветото во иднина (такво, се разбира, тешко може да се даде).

Во меѓувреме, по преземањето на функцијата, новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, наместо „Северна Македонија“, земјата ја нарече „Македонија“, предизвикувајќи скандал со Грција. Со други зборови, новите владетели ветуваат и членство во Европската унија и враќање на погазеното национално достоинство.

Пробиви во процесот на европеизација се видливи и во Грузија, која исто така во декември доби статус на кандидат за членство. Од една страна, Тбилиси бележи напредок во зајакнувањето на своите формални врски со ЕУ. Но, од друга страна, раководството на партијата Грузиски сон, која е на власт 12 години, се сврте во насока на нескриен авторитаризам.

Десетици илјади Грузијци протестираат со недели против новиот закон за „странски агенти“, сомнително потсетувајќи на сличен акт донесен во Русија во 2013 година. Претседателката Саломе Зурабишвили стави вето, но ако законот стапи на сила, ќе наметне строги казни на НВО и за лица со надворешно финансирање над 20 проценти, доколку не се запишат во посебен регистар. ЕУ го осуди законот и му понуди на премиерот Иракли Кобахиѕе (поранешен експерт во Фондацијата Отворено општество, меѓу другото) компромисни опции. Но, Грузиски сон, проект на милијардерот со бизнис во Русија, Биѕина Иванишвили, останува цврст.

Уште повеќе – за да ги покаже своите мускули, властите свикаа повеќеилјаден митинг на 17 мај по повод „Денот на семејната чистота“. Отприлика – опозицијата всушност го промовира штетното западно влијание, странските фондации и „родовата идеологија“, а ние се бориме за примарните вредности. Не случајно главен сојузник на Грузискиот сон во Европа е никој друг туку унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој е стар пријател на ВМРО-ДПМНЕ, кој му даде политички азил на Груевски.

Северна Македонија и Грузија се два различни случаи. Во најмала рака, Грузијците се наоѓаат во потешка позиција, директно загрозени од Русија, која зазема околу една петтина од територијата на закавкаската земја.

Сепак, она што е заедничко е неможноста на ЕУ да влијае на внатрешно-политичките процеси во земјите кои генерално гравитираат во нејзината орбита.

Гласачите во Грузија веројатно нема да ги казнат актуелните власти на претстојните есенски парламентарни избори. Опозицијата е слаба и разединета. Оние кои се на власт ќе ги поттикнат стравувањата дека земјата ќе биде вовлечена во војна со Русија, но исто така ќе објаснат дека се проевропски, како и огромното мнозинство граѓани. Ќе се применува законот за „странски агенти“, а во Советот на Европската унија Унгарија и Словачка ќе го блокираат воведувањето санкции против Тбилиси.

Во Северна Македонија, Мицкоски исто така ќе застане во место и ќе ги одложи уставните измени, зацврстувајќи се на власт и истиснувајќи ги кадрите на СДСМ. ВЛЕН ќе се обиде да го направи истото со луѓето од ДУИ. ЕУ може да се најде во улога на набљудувач наместо арбитар во овие локални борби. Бугарија ќе биде зафатена со себе и нема да обрнува многу внимание на случувањата кај Вардар.

Вратите на ЕУ за новите членки се отворени. Но, многу земји не брзаат да влезат.

(Димитар Бечев е предавач на Школата за глобални студии во Оксфорд. Текстот е објавен во Радио Слободна Европа)