Македонија годинава нема да има кандидат за Оскар, еве зошто


Македонија годинава нема да има кандидат за Оскар, во категоријата најдобра странски филм, соопшти денес Друштвото на филмските работници (ДФРМ). Причината е едноставно затоа што нема филм кој ги исполнува прилично едноставните услови пропишани од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука. 

Во соопштението до јавноста,  ДФРМ вели дека „она на што Друштвото на филмските работниц и предупредуваше подолго време, а поради што бевме во отворен конфликт со министрите за култура, особено со министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, дека паушалното и безумно кратење на буџетот за филм ќе ги афектира проектите во годините пред нас, за жал стана реалност“.

„Македонскиот филм е заглавен во „кал“. Не се сервисираат проектите кои се во развој, во продукција или се завршени. Нема нови проекти, прекинати се или се загрозени речиси сите регионални и меѓународни соработки. Погубните деструктивни политики, мотивирани од незнаење, поточно елементарно непознавање на филмската дејност и реваншизмот кон оние кои со години се борат за подобри услови за производство на филм, ја доведоа македонската кинематографија до колапс“…

„…Искрено веруваме дека институциите на системот ќе се одважат, ќе ги расветлат и казнат криминалите кои со години тежат и го влечат македонскиот филм во бездна и ќе докажат дека во нашата земја нема простор за манипулации со јавноста и политичките структури, злоупотреба на моќ и лажно употребување на терминот „политички прогон” во земјава и надвор од неа, сè со цел да се скријат сторените дела“.

„…И во оваа прилика, уште еднаш бараме од министерот Зоран Љутков да ја откочи „зарибаната“ филмска машина и да им овозможи на авторите и филмските работниците да снимаат, а нашите филмови да одат напред.  Да ги расчисти сите дилеми присутни во јавноста и да воспостави принципи на либералност, транспарентност и еднаквост, како елементарен предуслов на секоја демократска држава и секоја современа кинематографија“, се вели, межу другото, во соопштението на ДФРМ. 

Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска лани беше македонскиот кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“, а во 2022 година, тоа беше „Сестри“ на Дина Дума.