Македонија ги одбележа трите години членство во НАТО


 

Означувајќи го како еден од наважните денови во поновата македонска историја Македонија денеска одбележа три години од членството во НАТО, што претставува гаранција за нејзината безбедност.

„Горд сум и што моите, нашите деца овој ден ќе го изучуваат како еден од најсветлите денови во нашата историја. Затоа што овој ден ја гарантира и нивната иднина. 27. март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина. Момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никој“, рече премиерот Димитар Ковачевски на свеченоста која што се одржа во касарната „Илинден.

„Да се биде НАТО, значи да се дели масата за одлучување со најразвиените земји во светот, да се носат одлуките за светската безбедност заедно со најмоќните“, порача премиерот. Тој оцени дека  националната одлука за членство во Алијансата, ги проби бариерите на партиите, религиите и народите, и ги обедини. „Незначајна маргина се оние малкумина кои не се горди на овој наш успех и би сакале други алтернативи. Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за Европската унија“, нагласи премиерот. 

На свеченоста зборуваше и министерката за одбрана Славјанка Петровска, нагласувајќи дека „како нација знаевме да донесеме вистински одлуки, кои од оваа перспектива, навистина биле донесени во вистинско време“. Зборувајќи за руската инвазија на Украина таа рече дека Македонија од првиот ден е на вистинската страна и дава целосна поддршка на украинската држава. Според началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, македонската армија покажала дека сигурен и одговорен партнер.