„Македонија е во паника“: Радев за бришењето на бугарскиот клуб во Битола


 

Одлуката на македонскиот Централен регистер за бришењето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ од Битола „многу лошо одекна во Брисел“, тврдеше денеска бугарскиот претседател Румен радев пред новинарите при доаѓањето на состанокот на Европскиот совет.

„Оваа одлука е израз на паника, на немоќ, бидејќи властите во Македонија мора конечно да признаат дека има македонски Бугари, бугарско присуство во Македонија не од денес и вчера, туку со векови, 1300 години има бугарска историја и културно-историско наследство“, рече Радев.

Според него, бришењето на имињата на бугарските клубови немало да ја „избрише цврстата определба на Бугарија, европските институции и нашите европски партнери, Македонија да ги впише македонските Бугари во Уставот. Ова е почетна точка за интеграција на нашиот сосед во ЕУ“.

Претходно, заменик-министерот за надворешни работи, Костадин Коџабашев, на прес-конференција во Софија изјави: „Длабоко сме вознемирени од последователните активности на Македонија за ограничување на правата на здружување и слободно изразување на бугарската заедница во земјата“. Според него, македонските институции ја донеле одлукат врз непринципиелно, еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст.