Македонија е пак поробена држава, вели претседателот на МАНУ


 

Поробена земја, вазална држава, банана држава, неоколонијален феуд.

Со вакви зборови ја окарактеризира денешна Македонија претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, во своето излагање на конференцијата „120 години од Илинденското востание“ што се одржа денеска во Крушево, ден пред празникот.

Коцарев со својата позната реторика зборуваше дека за состојбата на „поробена држава“ се „исклучиво виновни дел од македонските политичари кои во изминативе 30 години поддржувајќи лукративни, сервилни и недостоинствени форми на владеење, поточно би рекол дивеење, ја трансформираа Македонија од слободна во поробена држава“.

Според него, на Македонија ѝ е потребен трет Илинден. „Идентитетството не смее да се доведе во прашање. Нам насушно ни треба трет Илинден. Нам ни треба, јас сум длабоко уверен, расчистување со лажните државотворци“, рече Коцарев.

На конференцијата, организирана од Матицата на иселениците, зборуваа и историчари.

„Македонската државност почива на темелите на Илинденското востание, на Илинденската револуција, и ако сакате прецизно – на двата Илиндена, од 1903 и од 1944. Темелот е буквално овде, во Крушево. Илинденското востание и АСНОМ-ските решенија на идните генерации им го даваат чувството на припадност и ние им пркосиме на сите кои сакаат тоа да го избришат. Македонија не е и нема да биде држава за поткусурување“, рече Катерина Тодороска, научен советник во Институтот за национална историја од Скопје.

Нејзината колешка од Институтот, Наташа Котлар-Трајкова. „Двата Илиндена се врвен чин не само на слободарските пориви на македонскиот народ, бидејќи Вапцаров е прв кој вели дека со Илинденското востание внесовме народна содржина, со крвта на народот. Тоа значи дека македонскиот народ создава своја историја кога е дел од македонската колективна меморија. Обидот да не се прослават или одбележат овие два моменти, значајни од македонската историја, да се негираат научноста или македонската меморија, одат во насока да се опонира или избрише македонството“, рече Котлар-Трајкова

На конференцијата е промовиран и зборникот на трудови на 11 научници и историчари за прашањето за значењето на Илинденското востание.