Македонија е делумно слободна земја, оценува „Фридом хаус“

Северна Македонија е делумно слободна земја – ова е оценката што земјава ја доби за 2024 година од организацијата „Фридом хаус“ во својот најнов годишен извештај „Слобода во светот“ во кој, на глобално ниво, го оценува пристапот на луѓето до политичките и граѓанските права и слободи.
На скала од 0 до 100 поени, на која 0 поени означува неслободна, а 100 поени слободна земја, Македонија во 2024 година е бодувана со 67 поени, исто како и на рангирањето за 2023 година. Без постигнат напредок, земјава останува на позицијата делумно слободна, во друштво на останатите земји од Западен Балкан.
Од земјите од соседството, напредок за еден поен во однос на 2023 година има Босна и Херцеговина, а пад од еден бод има соседна Србија. Кај останатите земји од Западен Балкан, како и кај нас, нема ниту напредок ниту уназадување во однос на рангирањето од 2023 година.
Во заклучокот се забележува дека земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашување.
Македонија, исто како и минатата година, има 67 од 100 поени.
Организацијата со седиште во Вашингтон, за мерењето користи систем од нула до сто поени, рангирајќи ги земји од светот како слободни, делумно слободни и неслободни.