Македонија дел од венециска Мостра 2025: „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска ја отвара програмата „Хоризонти“
Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, во филмот инспириран од животот на Мајка Тереза, а сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ

Филмот „МАЈКА“ на Теона Стругар Митевска ќе ја има честа да ја отвори програмата Хоризонти на првиот натпреварувачки ден на годинешното издание на Венецијанскиот филмски фестивал. Македонија повторно ќе биде дел од еден од најстарите и најпрестижни филмски фестивали во светот, а со „МАЈКА“ ќе се натпреварува за награди во повеќе категории – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања и други.
Ова е трет пат како Теона Стругар Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција Авторски денови, 2023).
„‘МАЈКА’ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија. Идејата за филмот започна да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм ‘Тереза и јас’, проект финансиран од Македонската радио телевизија. Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот ‘МАЈКА’“, изјави Лабина Митевска, продуцент на филмот.
Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, покрај шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) во улогата на Мајка Тереза и Силвија Фокс во улогата на сестра Агнешка.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.
Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.
Селекцијата „Хоризонти“ на Венецијанскиот филмски фестивал, која годинава ќе биде отворена со македонскиот филм „МАЈКА“, е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик.
Американскиот режисер Александар Пејн ќе претседава со жирито на овогодишниот Филмски фестивал во Венеција, кој годинава ќе се одражи на островот Лидо од 27 август до 6 септември. Меѓу поранешните претседатели на жирито беа Изабел Ипер (2024), Дамиен Шазел (2023), Џулијан Мур (2022), Бонг Џун Хо (2021) и Кејт Бланшет (2020).
Филмовите на Пејн, меѓу кои се комедиите „The Holdovers“, „Sideways“ i „The Descendants“, се номинирани за вкупно 24 Оскари, вклучително со четири номинации за најдобар филм и најдобар режисер. Два пати ја освои наградата за најдобро адаптирано сценарио.
„Голема чест ми е и радост тоа што ќе бидам член на жирито во Венеција. Иако ја споделувам амбивалентноста на филмските творци кон споредувањето на филмови, длабоко ја почитувам речиси стогодишната традиција на Филмскиот фестивал во Венеција, фестивал кој гласно го слави филмот како уметничка форма“, рече Пејн за новинарите, тогаш, во април.
Еден од најпрестижните филмски фестивали во светот, втор по Кан, фестивалот во Венеција е и технички најстар. Сега е сигурно ѕвездена работа, собирајќи некои од најдобрите филмови во меѓународната кинематографија. Основана е во 1932 година, тогаш неконкурентен настан, од страна на Ла Биеналето на Венеција, каде се одржуваат филмови како „Гранд Хотел“ и „Се случи една ноќ“. До 1935 година, тие одлучија да го направат годишен хепенинг.Наградата „Златен лав“ ќе биде воведена дури во 1949 година.