Македонците во Благоевград не знаат зошто им е каменуван клубот

Од македонскиот културен клуб Никола Вапцаров од Благоевград велат дека се чувствувааат навредени и збунети затоа што никој досега не ги навел причините, поради кои на четврти февруари беа каменувани просториите на клубот.
Сметаат дека не заслужиле ваков напад и оценуваат дека институциите во Бугарија и бугарската влада се уште не изразиле став со кој ќе го оценат нападот, а на напаѓачите им е испратен сигнал за толеранција, реагираат од клубот Никола Вапцаров.
Полицијата во Благоевград приведе четири лица за нападот на клубот. Бугарските медиуми јавија дека станува збор за двајца вработени во општинското претпријатие уредување на просторот, и нивните сопруги.
Но, градоначалникот на Благоевград изјави дека ќе ги казни општинските работници, кога македонската држава ќе ги казни македонските гранични служби, кои, како што рече, предизвикаа ментално и физичко насилство врз многу Бугари.
Ваквиот став за членовите на клубот е зачудувачки, затоа што не ги осудува уништувачите на градскиот имот.