Македонците масовно ги откажуваат аранжманите во Банско и Боровец
Хотелиерите од трите зимски одморалишта – Банско, Боровец и Пампорово се пожалија на масовно откажување на резервации поради воведувањето задолжителен негативен тест за Ковид-19 за оние кои влегуваат во Бугарија по 29 јануари.
Мерката е воведена по наредба на министерот за здравство Костадин Ангелов заради
ограничување на ширењето на коронавирусот. Негативниот PCR тест за влез во земјата ќе остане на сила до крајот на април. Тестот мора да биде направен во рок од 72 часа пред влегување во земјата, а исклучок се транзитните патници, возачи на автобуси и камиони, како и екипажите на авиони. Тие што немаат негативен тест ќе бидат ставени во десетдневен карантин.
Ова е уште еден удар за туристичката индустрија во Бугарија која се бори за опстанок. Многу од туристите во овие змски центри доаѓаа од Македонија. Затоа, преставници на зимските центри бараат од министерот за туризам
Маријана Николова и министерот за здравство да се смени мерката така што ќе се овозможи туристите да се тестираат при влез, на бугарската граница. Тие се надеваат дека мерката ќе биде одложена барем за 15 февруари.
Масовното откажување на резервациите, според бугарските медиуми, доаѓа од туристите од Романија, Србија и од Македонија бидејќи тестот дополнително ги оптоварува буџетите, па така за едно четиричлено семејство зимувањето поскапува за 260-300 евра.
Условите и во трите летувалишта, според хотелиерите, сега се идеални за скијање.
По тешкиот почеток на сезоната, Пампорово во моментов се враќа на своите добри денови со најдобрите услови за скијање во последните три години, изјави Маријан Беваков, директор на Пампорово АД. Тој посочи дека новата мерка за PCR тестот дошла три дена пред почетокот на зимскиот одмор во Романија.
„Се надеваме дека ќе ја одложиме или барем да не бараме PCR тест од туристи од
нашите соседни земји, кои сега ги посетуваат нашите зимски одморалишта“, додаде тој.
Слична е сликата и во Банско, каде има хотели во кои резервациите се целосно откажани од први февруари.
„Оваа година ситуацијата е лоша, и покрај одличните услови. Во текот на неделата
хотелите се исполнети до 20-30 проценти од нивниот капацитет, а за време на викендите до 40 отсто, главно со Бугари, Романци и Срби“, рече Горчо Пасев, член на здружението „Иднина за туризам“. „Очекуваме вакцинирани гости од Израел во февруари, но сега не е познато“, додаде тој.
Во наредбата на министерот за здравство не се прецизира дали барањето за тест за ПЦР ќе важи и за вакцинирани туристи.
Освен за странците што влегуваат во земјата, мерката стана проблем и за Бугарите кои се враќаат од патувања во Дубаи и од Занзибар, две дестинации кои станаа хит меѓу Бугарите бидејќи не е потребен PCR тест. Сепак, сега, за да се вратат во Бугарија, тие ќе мораат да прикажат или негативен PCR-тест или ќе бидат ставени под 10-дневен карантин.