Македонци заглавени низ цел свет не можат да извадат документи – амбасадите креваат рамења


Бројката на Македонци кои се заглавени низ лавиринтот за македонски документи не е  позната, но нивните реакции за ситуацијата во која се наоѓаат траат подолг период. Тие заради корона кризата не можат да извадат документи преку македонските амбасади, а доколку дојдат во Македонија  нема да можат да се вратат во земјите каде што живеат и работат во моментот. Македонските власти, според нив, немаат слух за ова прашање.

Мимоза Велјановска, Милка и Иван Јанчеви кои се заглавени во Кина велат дека прво се обратиле во македонската амбасада каде разговарале со дипломатка која ги посоветувала да испратат електронска пошта до неа и до македонското Министерство за надворешни работи.

– Одговор немавме од никого повеќе од цел месец. Лично јас испратив 10 барања до македонското МНР, и на крај ги исконтактирав на социјални мрежи поточно на Фејсбук, таму ми одговорија, дека треба да се вратиме. Ова голгота со барање на одговор траеше цели два месеца, но со овој проблем се соочуваме скоро една година, кога сфативме дека ако заминеме по документи за Македонија потоа нема да можеме да се вратиме повторно во Кина. Доколку не го решиме проблемот ќе треба да се вратиме назад, а со тоа ќе изгубиме работа, како и право на престој, се во зависност од периодот, бидејќи навистина е непредвидливо во моментов. Сепак, заради овој едноставен проблем мене и на моето семејство ни е загрозена иднината, истакнува Мимоза Велјановска.

Димитра Хаџи-Поповски, која живее и работи во Копенхаген, со оглед на тоа дека важноста на пасошот и истекува во декември 2020, таа на 21-ви април официјално се пријавила за сликање во македонската амбасада во Копенхаген, кое било планирано да се случи во јуни. За жал од тогаш па до денес, се одложувало и го добивала истиот одговор дека не знаат и дека ќе ја информираат кога ќе дознаат кога тоа би се случило.

– Загрижена сум дека наскоро ќе останам без патна исправа и нема да можам да патувам во ниедна друга земја освен до Македонија вели Хаџи-Поповска.

Тие сите заедно апелираат до македонските власти што поскоро да го решат овој случај и ги покануваат другите граѓани кои се во ваква ситуација да им се приклучат и јавно да говорат за проблемот.