„Мајкрософт“ заменува новинари со – роботи


„Мајкрософт“ ќе замени десетици новинари со автоматски системи за избор на вести на веб-страницата МСН, јавија медиуми од САД и Велика Британија.

Преземањето на стории од други медиуми и избор на наслови и фотографии на страницата МСН во моментот го прават новинари. Вештачката интелигенција ќе ги извршува тие задачи и ќе произведува вести, нагласува извор за Сиетл Тајмс.

„Мајкрософт“ соопшти дека тој пристап е дел од деловната проценка.

„Како и сите компании, ние редовно го проценуваме нашиот бизнис. Ова може да доведе до поголема инвестиција на некои места и, од време на време, преместување на средства во други области. Ние не ги донесуваме тие одлуки заради тековната пандемија“, се вели во соопштението на американскиот технолошки гигант.

„Мајкрософт“, како и некои други технолошки компании, плаќаат новински организации за да ги користат нивните содржини на страницата. Но, имаат вработено новинари да одлучат кои стории ќе бидат прикажани и како ќе бидат презентирани.

Околу 50 новинари кои работеле на објавување вести, и имаа договор со „Мајкрософт“, ќе ги загубат работните места на крајот на јуни, пренесува „Сиетл Тајмс“, но ќе остане тимот на новинари кои се вработени трајно.

„Деморализирани сме од помислата дека машините можат да не заменат, но што можеме да направиме“, рече еден од оние со кои се соочуват со отказ.

Некои отпуштени новинари предупредуваат дека вештачката интелигенција можеби не е целосно свесна за строгите упатства за уредување.

Вкупно 27 новинари ќе загубат работа во британската медиумска куќа ПА Медија, објави Гардијан.

„Читав цело време за тоа како автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе го преземат нашиот бизнис – сега тоа го презеде и моето“, рече еден од соговорниците на „Гардијан“.

„Мајкрософт“ е една од многуте технолошки компании кои експериментираат со форми на т.н. робот новинарство за да ги намалат трошоците. „Гугл“ исто така инвестира во проекти за да добие повеќе информации за таа можност.