„Мајкрософт“ инвестира 4,3 милијарди евра во Италија


Американскиот софтверски гигант „Мајкрософт“ најави инвестиција од 4,3 милијарди евра во инфраструктура за вештачка интелигенција и управување со податоци во Италија, скицирајќи ги контурите на центар што треба да го опфаќа целиот Медитеран и Северна Африка.

ItalyNorth ќе биде меѓу најголемите центри за податоци на „Мајкрософт“ во Европа и ќе биде центар за податоци за Медитеранот и Северна Африка, соопшти компанијата.

Најавените инвестиции ќе траат во период од две години, се додава во соопштението објавено во средата.

Претседателот на „Мајкрософт“ Бред Смит се сретна со италијанската премиера Џорџа Мелони, соопшти кабинетот на премиерот. Рим изрази задоволство од инвестицијата која ќе ја зајакне дигиталната улога на Италија во Медитеранот, посочија тие.

Во понеделникот, Мелони се сретна и со шефот на американскиот фонд БлекРок, Лери Финк, за да разговараат за можните инвестиции во центрите за податоци и придружната енергетска инфраструктура.

Се разговарало и за можни инвестиции во италијанската транспортна инфраструктура и други стратешки сектори, соопштија од кабинетот на премиерот, без да наведат детали.

„Мајкрософт“ ќе формира фонд за инвестиции во центри за податоци и енергетски проекти за вештачка интелигенција

Во средината на септември, Блекрок објави дека ќе основа фонд со „Мајкрософт“ за инвестиции во центри за податоци и енергетски проекти за вештачка интелигенција.

„Глобалниот фонд за партнерство за инвестиции во инфраструктурата за вештачка интелигенција треба да ги прошири синџирите на снабдување со вештачка интелигенција и да обезбеди повеќе електрична енергија“, објавија тие.

Главен партнер во фондот ќе биде инвестициската компанија од Абу Даби MGX, а стручно знаење ќе дава американскиот производител на чипови Нвидиа. Компаниите изјавија дека сакаат да развијат инвестициски потенцијал од 100 милијарди долари, кога е вклучено и должничкото финансирање, истакнувајќи дека најголемиот дел од инвестицијата ќе биде насочена во САД, а остатокот во земјите партнери.