(ВИДЕО) Мајката на Вања сведочи дека Александар бил убеден дека таа е киднапирана

Таа сведочеше за тоа во чија сопственост се становите каде што живееле, како и за оној пред кој беше киднапирана Вања, на улицата „Наум Наумовски Борче”


Фото: Б. Грданоски

Со сведочење на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, во Основен кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Мајката на Вања рече дека утрото нејзината ќерка излегла сама за в училиште, затоа што помалата ќерка почнувала дента од вториот час. За ова, таа не го известила таткото на децата Александар, кој сега е обвинет за соучество, но помалата ќерка му кажала.

По 15 минутио од почетокот на часот, класната ја информирала дека Вања не се појавила на првиот час, а Зорица ја побарала на телефон. Но, откако не ја добила, го лоцирала телефонот во некоја напуштена куча на „Партизанска“. Му се јавила на Aлекксандар, кој изненадувачки брзо според неа, се подготвил и заедно пошле во напуштената куќа каде ја барале Вања. Александар мислел дека таа е киднапирана. Пријавиле во полиција, а потоа Зорица пуштила и барање на Фејсбук, со цел да се најде Вања. Александар се упатил кон Сарај, но имало метеж па се вратил. Заедно прегледувале камери по патот по кој требало да се движи Вања до училиште. Снимките им ги давале и приватни лица и фирми на УСБ, а Александар ги прегледувал со негов пријател Гоце.

Никој не им побарал откуп, па Зорица го замолила да престане да вели дека Вања е киднапирана, затоа што не можела да замисли зошто некој би ја грабнал нивната ќерка. Сведочеше дека имала околу 30.000 евра од продажба на стан.

Таа сведочеше за тоа во чија сопственост се становите каде што живееле, како и за оној пред кој беше киднапирана Вања, на улицата „Наум Наумовски Борче”. 

Во тој стан живеле само два месеца, а претходно живееле на улица „Славе Деловски“, стан што ѝ припаѓа на Зорица. И станот на „Наум Наумовски – Борче“, бил нејзин, но го препишала на сопругот Александар Ѓорчевски, а потоа повторно преминал во нејзина сопственост.

Александар сакал станот да му го префрли нему, за ако нешто се случи, децата да имале оставина.Тоа се случувало во 2018 година. Бидејќи децата сакале да живеат таму, таа побарала да се префрли станот на име на децата, односно на нејзино име, како нивни старател.

Но, неуспешна била постапка за префрлање на станот на улицата „Славе Деловски”, затоа што Александар се согласил едниот стан да биде препишан на едното, другиот на другото дете, но иако биле на нотар, заверката никогаш не била завршена. Во станот на „Наум Наумовски Борче“ имало и кираџија, а парите од киријата ги земал Александар, но кога се спреселила таа со децата таму, почнала да уредува соби за нив, да купува мебел и да средува. Зорица сведочеше дека на најзино име има три стана, два во Скопје и еден во Охрид, наследство од родителите.

Зорица вели дека не познава никој од обвинетите, иако знае дека од Палчо, нејзиниот татко купил стан.

На денешната расправа е предвидено да сведочат и роднини на велешанецот Жежовски, Ана Киркова и Тодор Кирков.

Во судот се присутни обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Обвинетите на изминатото рочиште пред Судот се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни за што дополнително нивната одбрана ќе достави докази.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.