Мајката на Навални го видела неговото тело: „Ми се закануваат, планираат да го закопаат во тајност“


Људмила Навална

МОСКВА – Мајката на Алексеј Навални, Људмила, во четвртокот ги обвини руските истражители дека планираат да го погребат нејзиниот син во тајност без погреб и рече дека нема да се согласи на тоа.
„Тие сакаат ова да се направи тајно, без збогум. Сакаат да ме доведат до работ на гробиштата, на свеж гроб и да речат: тука лежи вашиот син. Јас не се согласувам со ова“, рече таа на видео на YouTube.
Навални (47), најпознатиот руски опозициски политичар, ненадејно почина во казнена колонија на Арктикот минатата недела. Неговите помошници и семејството тврдат дека Кремљ го убил, тврдење што Кремљ го отфрли.
Неговата мајка рече дека и го покажале неговото тело и потврдата за смртта. Соработниците на Навални изјавија дека во изводот на смртта стои дека опозицискиот политичар починал од природна смрт.
Мајката на Навални рече дека била однесена во мртовечница во средата навечер за да го види неговото тело.
„Истражителите тврдат дека ја знаат причината за смртта, ги имаат подготвени сите медицински и правни документи, кои ги видов и ја потпишав лекарската потврда за смртта“, рече таа облечена во црно и зборуваше со мирен глас.
„Согласно законот требаше веднаш да ми го дадат телото на Алексеј, но до сега не го направија тоа, туку ме уценуваат, ми поставуваат услови каде, кога и како треба да биде погребан Алексеј, тоа е незаконски. “

Мајката на Навални рече: „Го снимам ова видео затоа што почнаа да ми се закануваат. Гледајќи во очи, велат дека ако не се согласам на таен погреб, ќе направат нешто со телото на мојот син“.
Таа цитираше изјава на еден од истражителите: „Времето не е на ваша страна, труповите се распаѓаат“.
„Не сакам посебни услови“, рече таа. Само сакам се да се прави според законот, барам телото на син ми веднаш да ми биде вратено. (Ројтерс)