Мајка на загинато дете во Кочани гневна што трагедијата ги подели


Родители кои го продадовте споменот на своето дете и борбата за правда за ситни пари, каде ќе ви оди душата? Во пеколот, да знаете.

Ова го порача една од мајките чие дете загина во пожарот во дискотеката во Кочани на 16-от Марш на ангелите, гневна што оваа трагедија наместо да обедини, им донела политизација и презир од одредени поединци. 

– Трагедија која наместо да не сплоти и обедини, сите, за во иднина да не се повтори никогаш, таа ни донесе уште дополнителни удари од општествената структура во која живееме, политизација, апатија презир од одредени поединци. А зошто? Затоа што парите моќта и добрата функција се побитни од иднината на идните генерации. Едно ќе ве прашам родители кои го продадовте споменот на своето дете и борбата за правда за ситни пари и подобра работна функција, каде ќе ви оди душата? Во пеколот да знаете, а таму не се вашите деца и никогаш нема да ги видите – порача гневната мајка.

Таа во говорот ја спомена годишнината на катастрофалниот земјотрес во Скопје и го поврза со трагедијата во Кочани која е најголема во поновата историја на Македонија,

-Пожарот во кој поради затајување на институциите 62 деца беа пеплосани и над 200 повредени со трајни психички и физички последици и уште 300 деца кои беа таму, за среќа без повреди, но ќе останат со вечна траума од таа кобна вечер, 16. 03. 2025, таа ноќ ќе ги следи цел живот. Таа ноќ ќе го следи Кочани засекогаш – рече мајката.

Друга пак праша до каде е постапката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое ги гони полицајците и обвини дека само се развлекува.