МАИ ги додели признанијата на Саемот на книга, Црвенковска авторка на годината, „Перископ“ е најдобрата едиција


Писателката Билјана С. Црвенковска е авторка на годината, „Перископ“ е најдобрата едиција, во издание на „Бегемот“, романот „Тони“ од Румена Бужаровска, дизајнирана од Небојша Гелевски има најдобра корица, а Александар Маџаровски со јутуб-каналот „Читачот“ е најдобар промотор на читачката култура за 2025 година. Ова се одлуките на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) која денеска ги додели традиционалните признанија меѓу два саема на книга. 

На отворениот јавен конкурс на МАИ за 2025 година можеа да се пријават сите издавачи од земјава и да номинираат свои предлози во осум категории: најдобра едиција, најдобар дизајн на корица, најдобро ликовно-графички уредено издание, најдобра книга за деца, најкреативно издание, поттикнување на општествена одговорност, промотор на читачката култура, како и автор на годината.

Трето место за признанието најдобра едиција го доби едицијата „Избрани драми од Горан Стефановски“ на издавачката куќа „Полица“.  Втората награда во категоријата комисијата ја додели на едицијата „Арго“ од издавачката куќа „Или-или“, а првата награда ја доби едицијата „Перископ“ во издание на „Бегемот“.

-Станува збор за внимателно осмислена филозофско-есеистичка едиција, која постојано се надополнува со нови наслови од домашни и светски автори. Нејзиниот дизајн е уникатен и унифициран, а изработката е со тврд текстурен повез и минуциозна уредничка работа, посочија денеска на доделување на наградите.

Во однос на признанието за најдобар дизајн на корица, третото место го доби дизајнот на корицата на романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, за кој е користен детаљ од слика на Славко Јанески, чиј суптилен омаж е оваа книга, со постмодернистичка доработка од дизајнерот Марко Трпески, а во издание на „Арс ламина“.

Како што соопоштија денеска за време на доделување на наградите, второ место го доби корицата на „Книга за Петре: сите лица на расказот“ приредена од Оливера Ќорвезироска, со мотив на корицата од Сергеј Андреевски, во издание на „Арс ламина“.

Првото место е за корицата на романот „Тони“ од Румена Бужаровска, дизајнирана од Небојша Гелевски, а во издание на „Издавачкиот центар Три“. Од МАИ потенцираат дека корицата е особено впечатлива, со чист дизајн во кој се користени фотографија, црна, бела и црвена боја, стил кој влече корени од конструктивистите и руската авангарда. Исто така, црвениот квадрат со кој е покриено лицето, ја прави самата корицата загадочна и провокативна.

За признанието за најдобро ликовно-графички уредено издание, третото место го доби книгата „Космогонија“ во издание на „Гаврош“. „Космогонија“ е необично и уникатно издание во форма на хармоника, кое е ликовна адаптација на Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ на истоимената песна од Влада Урошевиќ. Оригиналните илустрации се изработени во техника на колаж од рачно боена свила со цртеж и вез кои се пренесени на хартија.

Втората награда ја доби книгата „Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски, во издание на „Арс ламина“, а првата награда беше доделена на книгата „Маскарада“ од Витолд Гомбрович, графички уредена од Наталија Лукомска, во издание на „Бегемот“. Книгата „Маскарада“, смета комисијата, е вистински пример за одлично ликовно-графички уредена книга. Суптилно поделена со целосно зелени дизајнирани страници и со одлично илустрирана корица, кога ќе се земе в раце, таа веднаш прави читателот да посака да ја листа и чита. 

Првото место во категоријата „Најдобра книга за деца“ комисијата го додели на книгата „Најмалиот џин Џуџо и најголемото џуџе Џино“ од Николина Андова Шопова, со илустрации на Наталија Лукомска, во издание на „Бегемот“, која е уникатен спој на одличната поезија на Андова Шопова и илустрациите на Лукомска. Второто место го доби сликовницата „Најмалиот остров на светот“ од Билјана Црвенковска, со илустрации на Хана Тинтор, во издание на „Чудна шума“. Комисијата реши второто место да го додели токму на оваа сликовница, затоа што таа и во текстуална и во визуелна смисла е вистинска ода на детската фантазија. Трета награда по однос на признанието „Најдобра книга за деца“, беше доделена на сликовницата „Нови бајки од Македонија“ од група автори, со илустрации на Орце Нинески, во издание на „Арс ламина“. Комисијата смета дека оваа книга претставува одлично ликовно-графички уредено издание кое на современ начин им го доближува светот на (новите) бајки.

Првото место за најкреативно издание комисијата реши да го додели на книгата „Се викам Храброст“, во издание на „Арс ламина“. Оваа книга е посветена на 50 исклучителни жени од нашето минато и нашата сегашност, кои со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски фигури. Ова уникатно издание се издвојува и со својот впечатлив графички дизајн во поп-арт стил, а е збогатено и со дизајнерска линија на производи наменети за подароци. На книгата „Девојчето и куклата што патува“ од писателот Александар Русјаков, во издание на „Арс ламина“ комисијата реши да ѝ го додели второто место за најкреативно издание.Третото место го доби книгата „Приказни од Ѕунливото Море“ од Билјана Црвенковска, илустрирана од Наталија Лукомска, во издание на „Чудна шума“. 

По однос на признанието за „поттикнување на општествена одговорност“, трето место го добија донации од областа на литературата и образованието на „Издавачкиот центар Три“. Тука влегуваат серија донации на книги од страна на издавачкиот центар во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес и во основното училиште „Гоце Делчев“ од Куманово.

На второ место е проектот „Соба на бајките“ – донација на библиотека во Детската клиника во Скопје. Со цел да им го олеснат периодот на лекување на најмладите во клиниката, издавачката куќа „Арс ламина“ и авторот Зоран Спасов Ѕоф ѝ донираа цела библиотека.

Жири-комисијата за наградите на МАИ за оваа година смета дека проектот „Секој збор заслужува да биде прочитан!“ на издавачката куќа „Антолог“ е најистакнат проект во областа на општествената одговорност во периодот меѓу двата саема и затоа му го доделува првото место во оваа категорија.

-Со овој инклузивен проект се обезбедува пристап до книги за лицата со оштетен вид. Во рамки на проектот се изработени и донирани изданија на Брајово писмо, кои се доставени во три клучни институции: Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, велат од МАИ.

За наградата специјално признание за „промотор на читачката култура“, беа номинирани инстаграм профилот „Читај книга“, Марија Павлеска со Инстаграм профилот „Мама (ми) чита“ и Александар Маџаровски со јутуб-каналот „Читачот“.

-Иако сите номинирани поединци несомнено имаат голем придонес за културата и за поттикнување на читачката култура, наградата за специјален промотор на читачката култура за 2025 година оди кај влогерот Александар Маџаровски – Читачот. Александар Маџаровски со неговиот Јутуб-канал „Читачот“ веќе пет години активно снима и објавува книжевни рецензии во видео формат, кои ги објавува на „Јутуб“, како и на социјалните мрежи, посочија од МАИ.

Како што велат, со тоа, тој значајно придонесува за збогатување на нашата книжевна и културна сфера, го поттикнува читањето на добри книги и дискусиите за нив, како и следењето и споделувањето квалитетна содржина на социјалните мрежи – и од страна на издавачите, и од страна на читателите.

Критериуми кои се земаат предвид при доделувањето на признанието „автор на годината“ се популарноста и влијателноста на авторот во културно-општествената средина и неговиот придонес во афирмација на книжевноста во и надвор од државата, број на странски преводи на дело/дела од авторот во периодот меѓу двата саема, како и успесите од продажбата (број на продадени примероци).

Номинирани беа пет автори: Калина Малеска, Билјана С. Црвенковска, Жарко Кујунџиски, Никола Маџиров и Румена Бужаровска.

-Комисијата оваа година за автор на годината ја прогласува авторката Билјана С. Црвенковска. Таа е најпродаваниот и најпопуларниот автор за деца и млади во Македонија. Во периодот меѓу двата саема на книгата, на германски беше преведен нејзиниот роман за возрасни „Девет приказни за госпоѓица Сит“, а на хрватски книгата за деца „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“. Црвенковска во овој период имаше повеќе промотивни настани, гостувања и работилници во Германија, а беше и гостинка на штандот на својот издавач „Мителдојчер ферлаг“ на Саемот на книгата во Лајпциг. Во овој период продадени се 32.800 нејзини книги, изданија на „Светот на Биби“, 560 книги изданија на „Чудна шума“ и повеќе книги во издание на „Арс ламина“, соопштија од МАИ.