Магла на Стража, Ѓавато, Маврово и Плетвар
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските превои Стража 80 м Ѓавато 100 м, Маврово 80 м, и Плетвар 80 м, соопшти ЈП Македонијапат.
Сите патни правци во државата се проодни. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.
ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, од вчера, 15.11.2024 е затворен за сообраќај за сите видови на возила, соопштија од ЈП Македонијапат.
Од вчера започна и законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година, потсетуваат од АМСМ.
Инаку, утрово најниска температура од -7 степени Целзиусови е измерена на Попова Шапка. Следат, со -4 степени Маврови Анови и Крушево, -1 во Берово и Крива Паланка, 0 во Прилеп и Битола, 1 во Виница, Скопје-Зајчев Рид, Претор и во Охрид, 2 Штип, Тетово, 3 Кавадарци и Струмица, 4 Велес, Демир Капија и Скопје-Петровец, и 5 степени во Гевгелија.
За изминатите 24 часа до 7 часот утрово, најмногу воден талог од 9 л/м2, има во Берово, 6 во Битола, 5 Претор, 4 Маврови Анови, 3 Скопје-Петровец, Кавадарци, 2 Охрид Струмица, Попова Шапка, 1 л/м2 во Виница, Крушево, Скопје-Зајчев Рид, Тетово и во Тополчани.
Времето денеска претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, особено претпладне. Максималната температура ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе достигне до 10 степени.