Магија под отворено небо: Стоечки овации за „Рибарски караници“ во Ротино


Под ѕвезденото небо на Ротино, синоќа се создаде вистинска симбиоза меѓу актерите и публиката – тие играа, овие се смееја… и обратно. Очигледно на битолската публика, но и гостите од другите градови, им недостигаше една автентична претстава во автентична атмосфера, под отворено небо, до и на Ротинското езеро. Од тука и долготрајните аплаузи, стоечки овации, насмеана публика. Имено во подпелистерието, се одржа премиерата на „Рибарски караници“, 13.премиера за сезоната 2024/ 2025 година на Битолскиот театар, во режија на Јован Ристовски.

„ Ова е храбра претстава и иако е како театарски жанр комедија, е и сатира во некои сцени. Ликовите без разлика што се случува меѓу нив, на крај наоѓаат едно меѓусебно човечко разбирање кое треба да покаже дека таа љубов и емпатија меѓу народот недостасува“, рече Ристовски.

Публиката до солзи ја насмеаа: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Моше, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска и Марија Стефановска. Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костими Андреј Ѓоргиевски, композитор на музика Александар Димовски,  светло мајстор Игор Мицевски, инспициент Оливер Петровски, суфлер Гордана Михајловска, продуцент Димитар Михајловски.

Режисерот заедно со актерите го направија препевот на овој текст, и се зборува на дијалекти од западна, источна, југозападна Македонија. Битолскиот театар со поддршка од Општина Битола, го реконструираше и патот кој води до езерото, туристичка атракција на која за прв пат се одигра театарска претстава. Уште еден доказ дека театарот го менува светот.

Под отворено небо, крај езерото, се сретнаа љубовта, смеата и јазикот на Карло Голдони во прекрасната комедија. Претставата „Рибарски караници“, на 22.09 ќе биде изведена на сцената на Битолскиот театар.

Фото: Ивона Кочов