Магично или немагично стапче – партиски расправи за лошите плати

Македонија е на дното во регионот (што значи и во Европа) по минималната и просечната плата, но партиите и денес продолжија со расправа кој повеќе придонесол во сиромаштијата.
Премиерот Христијан Мицкоски ги премолче податоците дека реалната плата се намалила во изминатава година, туку зборуваше за владеењето на СДСМ и ДУИ во нивните седум години. „Тогаш порастот на реалната нето-плата што ја зедоа вработените во Македонија беше околу 3,5 проценти и оваа една година на владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата реалниот пораст на нето платата е 6,5 проценти“, рече тој околу вчерашните обвинувања од страна на претседателот на СДСМ Венко Филипче.
„Математички, но и било како гледано, 6,5 отсто е речиси двојно повеќе од 3,5 проценти. Селективниот пристап и ваквиот тип на политика на СДСМ донесе резултати во Македонија како што бевме сведоци изминатите седум години катастрофални и уништувачки. Но она што е поважно и мој совет до раководството на СДСМ е дека тие со ваквиот селективен пристап ја уништија и сопствената партија“.
Од „уништената“ партија денес посочија на изјавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, дека немала „магично стапче“ за да се скроти инфлацијата.
„Синдикалната минимална кошница е поскапа за речиси 5.000 денари, само за една година. Во исто време, минималната плата порасна за само 1.800 денари. Зеленчукот поскапел за 63,3%, а овошјето за 33% само за една година. Инфлацијата е 4,8% и ги јаде примањата на граѓаните.
Реалната плата во јуни порасна за само 3,8%, додека со мерките на СДСМ растот беше над 11%. За прв пат по долго време имаше и пад на просечната плата споредено со претходниот месец“, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, сите земји во регионот, Србија, Бугарија, Хрватска, имаа навремени мерки и интервенции за цените и инфлацијата. „Само во Македонија граѓаните се оставени сами на себе. ‘Немаме магично стапче’ е врв на неспособност и значи дека оваа власт нема ниту план, ни волја да им помогне на граѓаните.
Не треба ‘магично стапче’ треба владата и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги прифатат предлозите на СДСМ за покачување на минималната плата на 500 евра, на укинување на ДДВ за храна и покачување на платите во сите сектори.
Платите во Македонија се само 35 отсто од европските просеци а цените достигнуваат 60 проценти од европскиот просек“.
Пренесувајќи го ставот на СДСМ Кузеска изјави дека владата свесно држи ниски плати за да им одговара на бизнис-елитите блиски до ВМРО-ДПМНЕ.