Магична вечер на „Охридско лето“ со „Либертанго“ на Пјацола


Магична и незаборавна вечер синоќа во преубавиот амбиент на предворјето на „Св. Софија“, приреди ФАМЕ’С Европскиот оркестарски изведувачки институт, предводен од брилијантната Русанда Панфили од Молдавија. Со музиката на Астор Пјацола концертот насловен како „Либертанго“ ја раскажа животната приказна на овој композитор.

Со многу страст и префинетост виолинистката Панфили ја пренесе енергијата кон публиката која со многу емоции го пратеше ритамот на препознатливите звуци на тангото но и ги награди уметниците со долги аплаузи и стоечки овации.

Русанда, свирејќи на ретка виолина од 1610 година, донесе фузија на класична, филмска и фолклорна музика, воодушевувајќи ја публиката со својот проект Панфили и пријателите.

Русанда Панфили од Молдавија е светски позната  виолинистка, композиторка и аранжерка со исклучителен музички талент. Таа исполнува различни музички жанрови, виолински концерти како оние на Шостакович и Сибелиус, разновидни дела од камерното творештво и широк спектар на музика за филмови од легендарните композитори, како Мориконе, Вилијамс, Зимер и Депла.

ФАМЕ’С Европскиот оркестарски изведувачки институт е основан во 2022 година во Скопје и е кофинансиран од проектот ФАМЕ`C, ЕУ (Креативна Европа) и Министерството за култура на РСМ. Програмата на Институтот е дизајнирана да ги подобри уметничките и индивидуалните вештини на младите талентирани класични музичари од Европа со отворање нови иновативни перспективи во обуката, професионализацијата и можностите за изведба преку иновативна оркестарска музичка програма.

Програмата става акцент на разновиден музички репертоар, овозможувајќи им на студентите да истражуваат широк спектар на жанрови: класична, филмска и музика од видеоигри, џез, модерна, современа и традиционална оркестарска музика. Целта е да се прошират нивните хоризонти и да им се овозможи осознавање нови вештини и музички стилови, надминувајќи ги традиционалните образовни практики.