МААЕ пријави три напади со беспилотни летала врз нуклеарната централа Запорожје
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска соопшти дека е информирана оти во текот на неделата нуклеарната централа Запорожје, лоцирана во југоисточна Украина, а под руска контрола, била трипати нападната со беспилотни летала.
На 26 август дрон удрил во близина на базенот за ладење на централата, при што биле повредени двајца вработени. Еден ден подоцна, два беспилотни летала го погодиле објектот за суво складирање на потрошено нуклеарно гориво и дел од системот за ладење на енергетските единици.
МААЕ соопшти дека и покрај инцидентите, нивото на радијација во областа на нуклеарната централа Запорожје останало во нормални граници.