М-Нав со нова опрема, ќе се зголеми квалитетот на воздухопловната навигација
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ја посети АД Македонска навигација (М-Нав) и изврши увид во новата опрема чие поставување е во тек, при што напомена дека со оваа опрема дополнително ќе се зголеми квалитетот на воздухопловната навигација и ќе се подобрат условите за работа на претпријатието.
Како што информираат од Министерството, Бочварски работната посета на претпријатието ја оствари заедно со заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи и државниот секретар Митко Трајчулески.
– Со набавката на новата опрема ја подобруваме воздухопловната навигација и обезбедуваме подобри услови за функционирање на М-Нав. Наша обврска е вработените да бидат задоволни, системот да функционира беспрекорно и услугите кои ги нуди оваа компанија да бидат на едно повисоко ниво, изјави Бочварски по средбата со претставниците од менаџментот и синдикатот на М-Нав.
Средбата со раководството и со претставниците на Синдикатот при М-Нав е дел од заедничкиот договор на Министерството за транспорт и врски и М-Нав, со цел изнаоѓање заеднички решенија за подобро функционирање на претпријатието.