Лутфи Елван назначен за нов министер за финансии на Турција


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го назначи поранешниот вицепремиер Лутфи Елван за нов министер за финансии, кој ќе го замени Берат Албајрак кој поднесе оставка, објавено е денеска во турскиот Службен весник.

Ердоган доцна синоќа ја прифати оставката на Албајрак, еден ден откако на социјалните мрежи објави дека се повлекува од функцијата поради здравствени причини и ќе поминува повеќе време со своето семејство.

Оставката на Албајрак, кој инаку е и зет на Ердоган, следеше по разрешувањето на гувернерот на турската централна банка минатиот викенд, кого го замени поранешниот министер за финансии, Наџи Агбал.

Според неофицијални информации, Албајрак остро се спротивставил на назначувањето на Агбал.

Албајрак, кој има четири деца со ќерката на Ердоган Есра, управуваше со финансиите на земјата во тежок период за турската економија, за време на кој економијата закрепна од валутната криза во 2018 година, за повторно да биде погодена од пандемијата на коронавирусот. Работата на Албајрак беше остро критикувана, потсетуваат светските медиуми.

Турската лира изгуби околу 30 проценти од својата вредност од почетокот на оваа година, забележувајќи рекордно ниско ниво од 8,58 лири за долар во петокот, додека инфлацијата на годишно ниво е 11,89 проценти.

Лирата вчера закрепна во однос на доларот, по веста за назначувањето на Агбал за нов гувернер на Централната банка.

Новиот министер за финансии, Елван (58), беше заменик-премиер во периодот од 2015 до 2016 година. Тој претходно ги извршуваше функциите министер за развој и министер за транспорт, поморски работи и комуникации.