„Лукоил“ има лиценца за уште три недели, што значи тоа за бизнисот и 550-те вработени во Македонија?

Будно ја следиме новонастаната ситуација и ќе превземеме соодветни мерки за обезбедување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати, велат од Министерството за енергетика


 

За дваесетина дена ќе биде позната судбината на зделката која ја најави руската компанија „Лукоил“ со меѓународниот трговец со стоки „Гунвор“ за продажба на странските средства со цел да ги избегне санкциите од САД воведени на 22 минатиот месец. Исходот оваа зделка која треба да добие зелено светло од Одделот за контрола на странки имот (ОФАЦ) при американското Министерство за финансии, ќе се однесува и на имотот на „Лукоил“ во Македонија и на над 500 вработени колку што оваа компанија има во нашата земја.

Во меѓувреме, бензинските пумпи на „Лукоил“ во земјава работат вообичаено, иако, кај вработените се чувствува неизвесноста за судбината на нивните работни места.

„Независен“ упати неколку прашања до надлежното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, во врска со продажбата на „Лукоил Македонија“ како дел од компанијата мајка „Лукоиол“, односно каква е процедурата (дали за тоа е потребно одобрување или лиценца за евентуалниот нов сопственик), како ќе се изрази на пазарот, односно дали може да дојде до нарушување на конкуренцијата, или уште полошо до редовно снабдување, и воопшто какви се ингеренциите на Министерството за енергетика во вакви ситуации?

Од МЕРМС појаснуваат дека „Лукоил Интернешнл ГМБХ“ е основач и содружник заедно со „Литаско Са“ на „Лукоил Македонија“, како и дека македонската компанија учествува со 15 отсто во нафтениот пазар во земјава, поседува 40 бензински станици и има 550 вработени.

„’Лукоил Македонија’ се снабдува со нафтени деривати од рафинеријата во Бугарија“, велат од МЕРМС.

Инаку, вчера бугарската влада донесе одлука со која го забранува извозот на дизел и керозин со цел да спречи недостиг на овие деривати во земјата, по воведувањето санкции кон „Лукоил“ и обврската до 21 овој месец да бидат продадени странските средства, што ја опфаќа и најголемата рафинерија на Балканот во бугарското пристаниште Бургас, а која е дел од „Лукоил“.

Од МЕРМС потсетуваат дека завчера рускиот енергетски гигант „Лукоил“ соопшти дека постигнал договор со швајцарската компанија „Гунвор“ за продажба на сите имоти во странство на компанијата.

Објектите што се продаваат ја вклучуваат и најголемата рафинерија за нафта на Балканот – „Лукоил Нефтохим“ – Бургас во Бугарија, како и рафинеријата „Петротел-Лукоил“ во Романија.

„Лукоил“, исто така, има малопродажни мрежи за гориво во Романија, Бугарија, Турција, Македонија, Хрватска, Србија и Црна Гора, додаваат од МЕРМС посочувајќи дека според соопштението од „Лукоил“, клучните услови на трансакцијата веќе се договорени.

„МЕРМС со будност ја следи новонастаната ситуација и ќе преземе соодветни мерки за обезбедување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати за своите граѓани, во кординација со европските партнери“, велат во одговорот до „Независен“ од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

 

„Лукоил“ во Македонија е присутен веќе две децении и годинава го одбележува 20-годишниот јубилеј. На 20 февруари, компанијата ја отвори 40-та бензинска станица во земјава, во Гостивар. Во изминатите пет години мрежата на бензински станици беше проширена за осум објекти.

„Независен“ минатата недела упати прашања и до „Лукоил Македонија“ за информација-коментар, дали имаат сознанија за процедурата на продажбата, како ќе се одрази на пазарот и особено, што ќе биде со вработените во компанијата во Македонија, но до денес немаме добиено одговор.

Пред да се објави информацијата за продажбата на „Лукоил“ на „Гунвор“, од Регулаторната комисија за енергетика за „Независен“ изјавија дека „Лукоил“ во земјава работи нормално.

„Немаме ингеренции, доколку некој реши да ja продава компанијата немаме можност да го спречиме. Не очекуваме да има било какви проблеми во однос на снабдуваьето со нафтени деривати во државата“, одговорија за „Независен“ од РКЕ.

Според Министерството за финансии на САД, на „Лукоил“ и „Роснефт“ им е издадена привремена лиценца што им овозможува да го завршат својот постоечки бизнис до 21 ноември.

Доколку е потребно, „Лукоил“ и „Гунвор“ најавија дека ќе побараат продолжување на лиценцата, а целиот договор мора да биде одобрен од ОФАЦ при Министерството за финансии на САД.

Групацијата „Гунвор“ некогаш беше најголемиот трговец со руска нафта во светот, а беше основана на почетокот на 2000-те од шведскиот бизнисмен Торбјорн Торнквист и рускиот милијардер Генадиј Тимченко, близок сојузник на Владимир Путин.

Откако САД воведоа санкции врз Тимченко во 2014 година поради анексијата на Крим, Торнквист го откупи уделот и стана мнозински сопственик на компанијата, дозволувајќи му на „Гунвор“ да ги избегне санкциите на САД. Денес тој контролира повеќе од 80 отсто од сопственоста и ја води компанијата од седиштето во Женева.

„Гунвор“ работи во повеќе од 100 земји низ целиот свет, се занимава со трговија, транспорт, складирање и преработка на нафта и гас, а во последните години интензивно инвестира во зелена енергија, ветерни фарми и обновливи извори.

Според „Форбс“, богатството на Торнквист се мери во милијарди долари, а во деловните кругови е опишан како дискретен, прагматичен и методичен преговарач. Надвор од деловниот свет, тој е познат како страствен морнар и сопственик на тимот „Артемис Рејсинг“, учесник во престижното натпреварување „Америкас куп“.

Доколку договорот се спроведе, „Гунвор“ би можел да го преземе најважниот странски проект на „Лукоил“ – нафтеното поле „Вест Курна 2“ во Ирак, едно од најголемите во светот, каде што руската компанија има 75% удел.

Според агенцијата Интерфакс, тоа поле произведувало повеќе од 480.000 барели нафта дневно во април.

Во Европа, „Лукоил“ поседува: рафинеријата „Нефтохим Бургас“ во Бугарија (капацитет 190.000 барели дневно), најголемата на Балканот, рафинеријата „Петротел“ во Романија, која ги снабдува пазарите во Словачка, Турција и Унгарија; мрежи на бензински пумпи и терминали низ цела Европа, како и проекти во Централна Азија, Африка и Латинска Америка.