Лукаревска: Ќе има казни за сите работодавачи што ја злоупотребија помошта за исплата на плати


Независно дали некои од работодавачите ги исплатиле работниците откако изби скандалот со државната помош од 14.500 денари по вработен, сите кои направиле прекршок ќе бидат казнети, изјави денес директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска за ТВ 24. Таа исто така најави дека УЈП размислува да спроведе и други контроли во фирмите што го прекршиле законот и да видат дали таму се правеле и други прекршоци во врска со даноците. Лукаревска нагласи дека се бараат механизми парите да дојдат до сите работници кои биле изиграни.

„Законот за даночна постапка овозможува прво да се поднесе опомена, но тоа не значи дека ќе останеме тука. Дел од овие средства доаѓаат и од Светска банка која јавно соопшти дека будно ја следат ситуацијата“, рече Лукаревска.

Таа додаде дека и Светска банка, како и УЈП, не очекувале да се случи вакво нешто, но исто така чувствуваат дека постои контролен механизам и дека ќе се спроведуваат истраги.

„Комплетните листи ги доставивме до Светска банка. Независно дали некои компании откога го алармиравме случајот ги имаат исплатено парите на работниците, сепак ќе бидат предмет на натамошна истрага и следни контроли. Казни ќе има за сите, дури како институција размислуваме во овие фирми да направиме и посебни контроли по други основи, односно по основ на другите даноци“, рече таа.
На прашањето кои ќе бидат санкциите, односно казните и дали постоеше можност исплатата да оди директно кај работниците, Лукаревска рече дека ваквиот принцип на исплата бил договорен и во разговорите со Светска банка и врз основа на други консултации, а главната цел била преку помошта да се зачуваат работните места.

„Работодавачите се тие кои што треба да се грижат за вработените“, рече Лукаревска, додавајќи дека веќе во вторник на седница на Владата ќе се донесат следните чекори кои што ќе бидат преземени против фирмите и работавачите кои ја злоупотребиле државната помош и листата ќе биде доставена до Јавното обвинителство, што значи дека ќе се преземат сите неопходни мерки, вклучувајќи и кривична одговорност.

„Во нашиот дел тоа значи дека покрај тоа што ќе спроведеме присилна наплата, во самата Уредба стои дека средствата ќе треба да се вратат и ќе се постапува по прекршочните одредби од законот за прекршоци, законот за работни односи, законот за придонеси и тн“, рече таа.

Лукаревска исто така рече дека откако бил објавен скандалот, до нив стигнувале и други поплаки од вработените, дека не била исплаќана целата помош, како и дека некаде таа им била исплатена, а потоа на работниците им било барано да ја вратат, за што ќе се вклучи и Државниот инспекторат за труд.

„За да ја видиме оправданоста на задршките ќе го доставиме списокот и до Министерството за труд и социјална политика“, рече Лукаревска прецизирајќи дека имало задршки во износ од еден до 39 илјади денари.

Вкупно 708 компании ја злоупотребија помошта од државата за април и за мај во износ од 24 милиони денари. Помошта за исплата на плати ја искористија околу 19.700 компании во април, 19.938 во мај, како и 17.905 за јуни за што анализите како таа се спроведувала се во тек.

„Трагично е што има 120 компании кои истиот принцип го спровеле за двата месеци – и за април и за мај, а ја добиле помошта. Дадовме се од себе како институција да ги спроведеме мерките максимално транспарентно и ефикасно, меѓутоа за жал се покажа дека нашиот труд падна во вода кога видовме дека има вакви случаи“, рече Лукаревска за ТВ 24. (Н.В.)