Луан Старова беше човек- институција и културен деец со космополитски визури
Академик Старова го прегрна Балканот со своите романи и го создаде неповторливиот циклус Балканска сага

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески” денес се одржа Меѓународна научна конференција посветена на академик Луан Старова, во организација на Катедрата за албански јазик и книжевност.
„Човек институција, врвен автор и мисионер, докажан културен деец со космополитски визури, поет и еден од најактивните медијатори со голем број поетски традиции преку неуморните активности со децении на Струшките вечери на поезијата“, беше истакнатo во поздравните обраќања на конференцијата.
„Луан Старова како писател и истражувач не може темелно да се анализира и проучува без да се има предвид Луан Старова како мислител и педагог, експерт за француската и франкофонските книжевностии книжевни идеи, но темелен познавач на сите балкански книжевности и култури. Преведувач на плејада други автори, но и самопреведувач. Поливалентен писател, едновремено вгнезден во две , но можеме да кажеме и повеќе култури. Дипломат во земји од три континенти, Тунис, Палестина, Франција, нерезидентен амбасадор за Шпанија и Португалија. Прв македонски претставник во УНЕСКО, истакна проф. д- р Владимир Мартиновски, декан на Филолошки факултет „Блаже Конески“ .
„Беше граѓанин на светот и од секој град каде што живееше тој умееше да направи културна престолнина, така и од Скопје направи културна метропола, така и од градовите каде што беше амбасадор или визитинг професор , правеше центри на културата. Со својот настап и со своите дела, со својот јавен углед и авторитет на креатор и придвижник на јавното мнение академик Старова јасно исцртуваше мапа на културни престолнини“, рече ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова .
„Луан Старова, не е само романсиер, есеист, истражувач публицист и дипломат, тој е проминентен професор по Француска и Компаративна книжевност кој со своето книжевно дело создаде еден духовен, ментален, историски, етнички и цивилизациски портрет на Балканот“, истакна Исмет Рамадани.
Луан Старова, писателот кој го прегрна Балканот со неговите романи, кој го осудуваше национализмот и кој на пишувањето за емиграцијата и посвети толку многу години и енергија, почина лани, во февруари, на 80-годишна возраст.
Роден е во 1941 година во Поградец, Албанија, а од 1943 год. со семејството се преселува и живее најнапред во Струга, кратко време во Тетово, а потоа во Скопје од 1945 година.
Во своето речиси тестаментално интервју за „Независен“ во декември 2020 година Луан Старова зборуваше за авторите и просторот во којшто творат.
„Според своите универзални творечки вредности авторите остваруваат свој идентитет во времето и просторот без оглед на кој јазик пишуваат. Јазикот е често инструмент, а не цел! (можеби поезијата е исклучок).
Бегалската судбина на моето семејство од Албанија ме донесе во Македонија. Со тоа беше одредено моето ‘двојство’: се школував на македонски јазик (малку години по неговата нова кодификација) и живеев дома со албанскиот јазик.
Така и се случи да пишувам и на двата јазикa. Се разбира не поради слава, но и според ‘среќно мачеништво’. Во мојата литература јас ја толкувам мојата опстојба, посебно во мојата ‘балканска сага’. Познатиот хрватски пистел Јерговиќ на промоцијата на хрватското издание на романот Ервехе – книга за една мајка ќе рече: ‘Старова пишувајќи на албански и македонски јазик рескира наоѓајќи се меѓу два јазици да изгори!’ Јас тогаш спонтано му реплицирав: ‘Јас настојувам во мојата литература да се греам од двата огна!’“, рече тој во интервјуто.
Објаснувајќи ја 20-та книга од Балканската сага и неговиот најнов роман „Јаничари“, Старова во интервјуто рече:
„Балканот е сложен и комплексен хонотроп: во неговите простори и времиња се мешаат вредностите на повеќе цивилизации, низ нивите извишувања и падови. Балканците се осудени да имаат повеќе татковини во една. Бегањето или прифаќањето на оваа судбина може да заврши во литература. До мојата педесета година јас је учев и предавав на универзитет литературата, посебно француската (докторирав книжевност во Загреб, специјализирав модерна француска литература на Сорбона), дури потоа почнав да ја пишувам „вистинската литература“, односно големиот род (романот). Се вели дека „најдобро се пишува со самиот живот“ (Реми Де Гурмон). Мојот живот минат во македонскиот дел на Балканот, потоа во југословенската федерација, дури и како амбасадор пред нејзиниот распад, потоа како прв амбасадор на Република Македонија, беа дел од тој живот кои можеа да се кристализираат во литература“.
Во 1979 година Старова беше избран за потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, бил прв главен и одговорен уредник на македонското издание на Гласникот на УНЕСКО, и член на редакцијата на меѓународното списание „Балкан – Форум“. Во 1985 година бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. Во 1990 година бил избран за редовен професор по предметот француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а подоцна и за шеф на катедрата на романски јазици и книжевности. Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО, и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2003. Бил секретар на Одделението за уметност, а од 1 јануари 2016 е избран за потпретседател на МАНУ. Луан Старова беше и почесен член на Академијата на науките на Албанија, член на Медитеранската Академија во Неапол и на Европската академија на науките во Салцбург.
Автор е на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други. Автор е на книгата „Француски книжевни идеи на XX век“, како и на „Балканска сага“, составена од 17 романи. За своите книжевни дела е добитник на повеќе национални и меѓународни признанија и награди.