Лошо образование, назадно општество

РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Почна уште една училишна година на вообичаениот начин: родители ставаат фотографии од своите деца на социјалните мрежи, нивните пријатели им посакуваат среќен почеток, па и тие ним, и така сѐ во круг. Во вестите се појавуваат очекуваните статистики: повторно бројот на запишаните првачиња паднал, повторно некој закачил неписмена табла за дочек.

Малку се коментарите и написите кои се занимаваат со суштинското: што е она што образованието го нуди на новите генерации, и каква е штетата што ја предзвикаа години и години немарно, неписмено, па и идеолошки расипано образование? Може ли нешто да се поправи?

Во моментов во Скопје се одржува книжевниот фестивал „Друга приказна“, чија тема годинава е „На маргините“. Годишениот добитник на главната награда на фестивалот е Ненад Величковиќ, писател и професор по книжевност на универзитетот во Сараево, жесток критичар на образовните процеси и програми во Босна и Херцеговина, кои во својата основа ја имаат индоктринацијата и национализмот (освен по своето пишување и активизам, Величковиќ тука е познат и по тоа што го опиша „Скопје 2014“ како „Шизниленд“). Во четвртокот Величковиќ ја прими наградата на „Друга приказна“ пред многу мала публика и истакна дека навистина отсекогаш бил на маргините: и така е, оти, и покрај значењето на еден таков фестивал, и на еден таков човек присутен деновиве во Скопје, публиката беше ретка. Никого не го интересира книжевноста и образованието, но сепак родителите се чичкаат пред книжарниците за да ги купуваат лектирите со масни, сјајни, дречливи корици зад кои стојат ужасни преводи на дела што уште повеќе ги затупуваат и оглупавуваат нивните деца. Малку беа во публиката што дојдоа да чујат кои се тие формули што се јавуваат во учебниците кои штетно влијаат на развојот на учениците, а следствено, и на една култура и на едно општество. Образованието и културата вчера се најдоа на маргините во центарот на главниот град, како што се наоѓаат со децении во политиката на нашата држава.

А токму критичкиот преглед на книгите за деца и учебниците е очајно потребно. Пред некоја недела моја пријателка ужасната ми прати фотографии од детска книга што им ја читала на децата: се работи за „Волкот и седумте јариња“. Освен на првата страница, англискиот збор за јаренце, „kid”, беше секаде буквално преведен како „дете“. („Отворете ја вратата, мили деца“, вели волкот, а потоа – „но малите дечиња го препознаа волкот по грубиот глас“). Пред сама да ја преведам „Алиса во земјата на чудата“, ги погледнав неколкуте нови преведени лектирни изданија од последните десет години: не само што ритмично совршените детски песнички се преведени прозно и неразбирливо, туку некои од преводите се плагијати на претходните лоши преводи – за едно дете тие се неразбирливи, бесмислени, не на начинот на кој тоа го сакал Луис Керол, туку бесмислени во синтаксата, навредливи за интелигенцијата и штетни за децата што ги читаат. Го погледнав лектирното издание на „Хаклбери Фин“ чиј стар и несоодветен превод сѐ уште се наложува во училиште (инаку, подоцна книгата ја преведе Калина Малеска, но преводот и книгата повторно беа уништени од уредничкиот тим на ужасниот проект „Sвезди на светската книжевност“ кога целиот превод го стандардизираа на литературен македонски без консултација со преведувачката). „Хаклбери Фин“, патем, воопшто не е соодветна лектира за дете од 13 години: како што не се ни еден куп лектири кои со децении се јавуваат во програмите, ги оглупуваат учениците и им развиваат одбојност кон читањето.

На крајот, мојот омилен пример со песничката „Кинисала мома желка“ во учебник по македонски јазик за петто одделение: во песната, на момата желка еден еж ѝ го истура „ручекот“ (оти жена, се разбира, се бави со готвење), а потоа одат на суд, и секако кадијата пресудува во корист на ежот: „Тој е момче се задева, ти си мома седи дома“, при што следат прашања за песничката кои наведуваат дека таа е хумористична и дека децата треба да се насмеат. Вакви дискриминаторски, назадни содржини на учебниците кои со години треба да бидат ревидирани и повлечени ги има еден тон. Учебниците не само што се неписмени, напишани на јазик неразбирлив за децата – па и за возрасните – не само што не ја комуницираат содржината во сооднос со возраста на учениците (погледнете ги лекциите по македонска граматика ако сакате да ви се крене косата), туку се и цивилизациски назадни и дискриминаторски.

Па да не се чудиме после кога ќе слушнеме дека портпаролот на најголемата опозициска партија ја нарекол новата министерка за финансии „џирло девојка“ и „Нина Групировка“ – еден назаден ум не ни може да замисли дека жена во политиката треба да биде вреднувана според своите квалификации и способности, а не според родовите стереотипи на еден пештерски човек. Не треба ни да ве чуди тоа што нашиот премиер се извинува велејќи дека „педер“ е карактерна особина или дека „Европа е најсекси девојка на светот“, оти тој смета дека, замислете, кажал нешто добро. Во едно вакво назадно општество што ги учи своите деца на дискриминација уште од мали нозе, ваквите ненормалности – за жал, се нормални.

(Авторката е писателка)