Лоша недела за антиваксерите во светот

Личниот избор на антиваксерите да останат невакцинирани, што има реперкусии за поширокото општество, треба да донесе последици за нив


 

Ова беше лоша недела за оние кои се двоумат околу вакцинирањето. Нивниот неофицијален идол, Новак Ѓоковиќ, светскиот тенисер број еден, се соочува со депортација од Австралија затоа што не ги исполни барањата  да биде целосно вакциниран против Ковид-19 –  ако нема валидно ослободување. Италија донесе исто така одлука за задолжителни вакцини за постарите од 50 години. Во Франција,пак, претседателот Емануел Макрон порача дека повеќе сака да ги  „збесне“ невакцинираните со дополнително скратување на нивниот социјален живот, наместо да ги праќа во затвор. И тој има поента.

Поттикнувањето е секогаш поефикасно од присилата. Еден ден по објавувањето на изјавата на Макрон, 66.000 луѓе во Франција се вакцинираа за првпат, три пати повеќе од дневниот просек. Владите не треба да ѝ наредуваат на пошироката јавност да се подложи на она што значи медицинска процедура. Заканите со затвор или со задолжителните вакцини исто така ги  зацврстуваат позициите на скептиците. За уште потврдокорното анти-вакс малцинство, непропустливо на податоците кои покажуваат дека вакцините ја намалија сериозноста на коронавирусот, никакво убедување нема да функционира. Нивниот личен избор да останат невакцинирани, што има реперкусии за поширокото општество, затоа треба да донесе последици за нив, а ограничувањето на нивната способност да се дружат создава рамнотежа.

Слична поента имаше и Рафаел Надал.

„Секој е слободен да носи свои одлуки, но потоа има некои последици“, рече шпанската тениска ѕвезда, кога слушна за маките на Ѓоковиќ со австралиските гранични сили, кои тврдат дека Ѓоковиќ не обезбедил докази за соодветно да го поддржи медицинското ослободување. 

Австралија има строги правила за имиграција и во најдобри времиња. Нејзините правила за корона вирус, пак, не се нови и не се тајна. Тие  важат за сите, без разлика колку се познати или талентирани.  Австралиската јавност со право беше налутена поради тоа што Ѓоковиќ можеби можеше да ги прескокне ограничувањата што тие мораат да ги почитуваат. Мислењето дека може да лета невакциниран низ светот и да дојде на голем спортски настан во земја која има стапка на вакцинација од 77 отсто и да победи, барем за јавното мислење, беше неизнудена грешка на Ѓоковиќ.

Несомнено, тениската асоцијација на Австралија ја дели вината за хаосот. Таа му овозможи на Ѓоковиќ да претпостави дека може да допатува така што  му одобри изземање врз неодредени основи. Место тоа, требаше подобро да му ги пренесе федералните правила за имиграција. Австралиските гранични служби сега истражуваат дали други играчи влегле во земјата на сомнителни основи.

Спортските тела во иднина би требало  да ги убедат спортистите да се вакцинираат, преку тактика на стап и морков. Некои спортови имаат значаен број играчи кои се невакцинирани, можеби затоа што веруваат дека младоста и фитнесот даваат супермоќ за борба против вирусот или поради (неосновани) грижи дека вакцините може да ги загрозат нивните перформанси. Настрана од ризиците што ги носи долгиот ковид, ниту еден аргумент не дозволува личниот избор да им наштети на другите. (Ф.Т.)