“London Sessions”: Новиот албум на Влатко Стефановски на дигитална платформа


Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски ја воодушеви публиката со третиот сингл од новиот албум „London Sessions“ кој веќе е достапен на сите дигитални платформи!

Синглот „Gipsy Song“ е снимен во легендарното Abbey Road Studio 3 во Лондон, а е придружен со одлично видео кое го прикажува создавањето на песната во овој иконски простор. Таму е создаден новиот албум „London Sessions“, кој е снимен во организација на Кроација рекордс, а претставува соработка на врвни музичари. На албумот се појавуваат Јан Стефановски на тапани и Тихомир Хојсак на електричен контрабас покрај Влатко Стефановски. Снимањето и продукцијата на Abbey Road ги водеше Горан Мартинац, потпомогнат од Ед Фарел и Леа Морис, додека дополнителни клавијатури свиреа Дамир Имери и Горан Мартинац.

Фото: Зоран Веселиновиќ

Заедно со претходно објавените синглови „While My Guitar Gently Weeps“ и „Чукни во дрво“, „Gipsy Song“ е уште една одлична најава за албумот, кој е достапен на стриминг сервисите, а наскоро и на двојно ЦД и тројно ЛП. Љубителите на музиката со нетрпение го очекуваа ова специјално издание, кое ќе обезбеди уште едно поглавје во опусот на Стефановски, носејќи го духот на легендарните студија и современите музички иновации од рацете на еден од најголемите мајстори на гитарата.

Студиото 3, едно од трите оригинални студија во рамките на Abbey Road, е познато по својата историска важност и неверојатните уметници кои снимале таму. Листата вклучува легенди како Битлси, Пинк Флојд, Лејди Гага, Ејми Вајнхаус, Бруно Марс и многу други. Сега и Стефановски се приклучи на оваа импресивна историја, одбележувајќи 50 години од неговата богата музичка кариера.