Лондон санкционира шверцери на мигранти од Балканот до Азија


Велика Британија воведе прва рунда санкции против 25 физички и правни лица вмешани во организиран шверц на мигранти, со цел да ги погоди структурите кои го поттикнуваат илегалното преминување на Каналот.

Санкционирани се снабдувачи на мали чамци од Азија, водачи на банди од Балканот и Северна Африка, како и посредници што користат системот „Хавала“ за трансфер на пари на Блискиот Исток.

Меѓу именуваните се и Албанецот Бледар Лала, водач на шверцерска група во Белгија, кинеска компанија што рекламирала чамци за шверц преку интернет, и поранешен полициски преведувач од Србија, Ален Базил, кој водел мрежа со помош на корумпирани полицајци.

Министерот за надворешни работи, Дејвид Лами, ја нарече мерката „историски чекор во борбата против организираниот криминал и нелегалната миграција“.

– Од Европа до Азија, ги следиме и санкционираме шверцерите каде и да се. Им порачуваме: знаеме кои сте и ќе ве изведеме пред правда, рече Лами.

Мерките вклучуваат замрзнување на банкарски сметки, недвижности и имот на санкционираните, а британските компании и банки нема да смеат да соработуваат со нив. Санкциите се дел од новиот Закон за гранична безбедност и азил, кој го засилува дејствувањето против шверцот на луѓе.