Локалните избори ќе се распишат по изборот на народен правобранител и претседател на ДКСК


Локалните избори ќе се распишат до крајниот датум, во првата половина на август за да се остави простор да се пополнат испразнетите места на Народниот правобранител и на претседател на ДКСК, изјави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши. Доколку Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска донесе предлог одлука за избор на Народен правобранител и се постигне договор имајќи предвид дека за оваа функција е потребено гласање и со Бадинтер, Гаши, вели, би можел да свика итна седница уште денеска. 

-Оваа тема ќе биде предизвик за нас како Собрание. Првата процедура што се однесува до Народниот правобранител веќе е започната. Имавме јавен оглас, имаме 17 кандидати за таа позиција. Денеска требаше да заседава Комисијата за избори и именување и ако тие одлучат за име за кое би се сложиле со таа одлука би можеле да свикаме пленарна седница да одлучиме за тоа име. Ако не ќе треба да почекаме подобри времиња и усогласеност околу тоа кој ќе биде кандидат или кој ќе биде избран за Народен правобранител, рече Гаши.

Еден од кандидатите што е пријавен на конкурсот за Народен правобранител е и шефот на Кабинет на претседателот на Собранието Дритон Небиу, кој денеска на брифингот со новинарите потврди дека се кандидирал и кажа дека со своето 18 – годишно како правник и 15 години искуство во Собранието, како меѓународен консултант и магистер по човекови права смета дека ги исполнува условите за оваа позиција. Небиу рече дека негова лична одлука била да се пријави на огласот за Народен правобранител. 

Што се однесува до Комисијата за спречување на корупција, претседателот на Собранието кажа дека денеска ќе биде распишан јавен оглас за претседател на ДКСК. 

-Собранието во рок од десет дена треба да распише оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска за да се стигнат тие рокови. И сега ќе видиме како тоа правно ќе треба да го анализираме затоа што не се одредбите до крај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател за спречување на Комисијата или пак Народен правобранител, изјави Гаши. 

Во однос на интерпелацијата на јавниот обвинител Љубомир Коцевски, првиот човек на законодавниот дом вели дека Собранието веќе се изјаснило и оти сега останува до другите органи кои треба да го слушнат овој глас на народните избраници – Владата и државниот обвинител, но според Гаши тоа треба да го стори и Советот на обвинители, доколку процени така. 

Претседателот на Собранието Гаши на Илинден нема да се обрати на Пелинце од здравствени причини и најави дека тоа ќе биде еден од потпретседателите на Собранието. 

Пратениците од 4 до 22 август заминуваат на одмор, но претседателот на Собранието потсетува дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани на седница и за време на одморот.