Лога не сака да се меша во судството, но реагира за Мијалков

Застарувањето на уште еден случај на Сашо Мијалков ја уништува довербата во судството и системот, предпредува министерот за правда


 

Министерот за правда Кренар Лога денеска ги повика сите институции да преземат итни реформи во судството да не се случуваат настани како денешниот во Апелацискиот суд, по кој стана јасно дека уште едно дело за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, ќе застари. Овој пат станува збор за случајот со изборни нерегуларности „Титаник 2“.

Во писмената реакција до јавноста Лога нагласува:

,,Веднаш по стапувањето на функцијата министер за правда, испратив дописи до Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Јавното обвинителство на 14 март 2023 година, каде предупредив и побарав поефикасно и невремено преземање мерки со цел спречување на вакви и слични ситуации на застарување на судските предмети преку одложувања на судските процеси.

Жалам што се дозволи да застари уште еден предмет ‘Титаник 2’ и тоа за ист обвинет. И покрај мојата заложба да не се мешам во независноста на судската власт, принуден сум да реагирам, да ги повикам сите иснтитуции и организации итно да преземат мерки за брзи реформи.

Ваквите случаи не му одат во прилог на развојот на општеството туку, напротив, со штетата која ќе ја предизвикаат уште повеќе ќе ја поткопаат довербата на граѓаните во целиот систем“, вели Лога.

Мијалков во „Титаник 2“ со првостепена пресуда е осуден на две години затвор за примање награда за противзаконито влијание. Меѓутоа, за пресудата да стане правосилна за жалбите треба да одлучи Апелацискиот суд во Скопје. Таму денеска требаше да се одржи јавна седница, но таа се одложи бидејќи судот констатираше дека дел од учесниците во постапката (обвинети и адвокати) не биле уредно поканети. Нема објаснување како биле неуредно поканети. Од шестмина обвинети, во Апелацискиот суд дојдоа само двајца – Сашо Мијалков и поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими.

Кога Апелацискиот суд ќе ја одржи следната седница на 13 април за овој случај делото на Мијалков веќе ќе биде застарено.