Министерот Лога разговараше за правата на Македонците во Бугарија со Стојко Стојков

Министерот за правда, Кренар Лога, оствари средба со Стојко Стојков, копретседател на здружението ОМО Илинден – Пирин, на која беше информиран за статусот и правата на Македонците во Бугарија, соопшти Министерството за правда. Стојков изрази благодарност до Лога за неговиот интерес за правата на Македонците во Бугарија и посочи дека тој е првиот министер за правда кој ги повикал на разговор, стои во соопштението.
„Се дискутираше и за годишниот извештај на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во кој е посочено дека Република Бугарија не ја спроведува пресудата за основните човекови права на слободно здружување која ОМО Илинден – Пирин не може да ја реализира и да се регистрира. За неспроведувањето на 14-те пресуди на судот во Стразбур во корист на Македонците во Бугарија ќе бидат информирани и меѓународните фактори“, додаваат од Министерство за правда.