Лога му го нуди Хашкото одделение во Шутка на Никола Груевски


Министерот за правда, Кренар Лога, му го нуди на поранешниот премиер Никола Груевски Хашкото оделение во Шуто Оризари, и за притвор и за затвор, ако биде екстрадиран или реши да се врати во земјата.

На првиот брифинг со новинарите откако е на оваа функција, Лога најави дека ќе поднесе ново барање за испорачување на Груевски во кое ќе наведе дека ќе му се суди уште за девет кривични дела. Одбивањето на Унгарија да го екстрадира Груевски, и на Грција да го екстрадира Никола Бошковски, според него се недозволиви. 

-Недозволиво е европски држави, како Грција и Унгарија, да не ни помагаат во спроведувањето на законитоста, порача Лога.

Притоа додаде дека, за да ги убеди да го сторат тоа, ќе ги повика унгарските власти да дојдат со свои преставници во земјата, да разговараат и ако треба, покрај Хашкото одделение, може да им исполни и други услови ако имаат. 

„За девет предмети треба да одговара пред домашните судови. Ќе побарам уште еднаш екстрадиција на Груевски. Во делот на писмото ќе биде наведено дека ќе биде преместен во хашките ќелии како во притворот така и во затворот. Сметам дека тоа ќе биде прифатено за унгарските власти, односно дека ќе бидат исполнети сите законски обврски“, рече Лога.

Таканареченото Хашко одделение по реновирањето се смета за најпристоен дел од затворот во Шуто Оризари. Во него има поголема комоција за притворениците и е поизолирано.

Освен за Груевски, екстрадиција е побарана и за ексначалникот на Петтата управа во МВР, Горан Грујовски, и за неговиот соработник Никола Бошковски од Управата за безбедност и контраразузнавање. Двајцата се гонат за случајот „Таргет – Тврдина“.

„Мојот став е кажан и на средбата со амбасадорката на Република Грција, ние уште еднаш бараме екстрадиција на лицата за еднаш засекогаш да ја добијат соодветната правда за нив, но и сите почитувања на правната држава да бидат остварени не само на хартија туку и вистински“, додава Лога. (С.Ј.)