Лога ќе го чека ВМРО-ДПМНЕ уште оваа недела да предложи експерти
Министерот за правда ѝ порача на опозициската партија дека ако продолжи да тактизира и не одговори, работата ќе почне без нив

Министерот за правда, Кренар Лога, до крајот на оваа недела ќе ги чека ВМРО-ДПМНЕ да предложат експерти за вклучување во работните групи за уставни измени, а ако продолжат да тактизираат и не одговорат, работата ќе почне без нив. Сепак, Лога верува дека во главната опозициска партија ќе смогнат сили да се вклучат во овој процес, бидејќи нема да се расправа само за измените со кои треба да се внесат Бугарите во Уставот, туку и за други барања.
Во тој контекст, тој ги спомна изборните реформи со кои треба да се внесат во законодавството препораките на ОБСЕ, тргањето на министерот за правда од Судскиот совет, решавањето на вакуумот што настана откако Никола Тупанчески си замина и еврообврзницата остана без потпис, тргањето на 20 отсто за албанскиот јазик и наоѓањето решение како да заседава Собранието во ситуација на пандемија. Лога не сакаже да изнесува имиња на експертите што ќе бидат вклучени, но рече дека е „прашање на денови или недели“ кога ќе биде составена оваа експертска група.
„Приоритет ќе добие измената на Преамбулата, но бидејќи Уставот не се отвора секој ден, добро е и овие работи да се решат во пакет“, порача министерот Лога.
Тој рече дека бил „на СМС“ со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и дека му ја понудил претседателската позиција во работната група за изборни реформи, со порака – верувам дека ќе најдат сила да се надминат себеси. Притоа спомена дека денес славиме тригодишнина од НАТО што можевме да ја славиме пред десет години, и дека нема корист од чекање, мислејќи на ставот на ВМРО-ДПМНЕ да се издејствуваат подобри услови за преговори со ЕУ.
Тој исто така соопшти дека за уставните измени минатата недела остварил средба со претседателот Стево Пендаровски и дека во експертската група ќе биде вклучен и негов преставник. Тој не ја отфрли можноста меѓу предлозите за уставни измени што ќе се расправаат да биде и барањето на Алтернатива за внесување одредба во Уставот со која ќе нема застарување на делата за корупција, додека за т.н. уставна тужба рече дека нема усогласеност и меѓу експертите, односно некои сметаат дека треба да биде предвидена со Уставот, а некои дека треба да се регулира во самиот Уставен суд.
Темата изборни единици Лога ја искористи за да порача дека Мицкоски не е искрен кога ги условува преговорите за изборните реформи со пораката дека ќе учествува во нив, откако другите партии ќе се усогласат околу нивниот број.
„За мене ова е немање политичка волја и храброст да се влезе во измена на изборните закони“, рече тој, бидејќи според него вметнувањето на препораките на ОБСЕ во законодавството е многу поважно од тоа дали ќе има или ќе нема договор за бројот на изборни единици, сугерирајќи дека се може без нив. (С.Ј.)