Љутков за Милка Ефтимова: Беше вистински амбасадор на македонската оперска уметност

На 89-годишна возраст почина оперската примадона Милка Ефтимова, доајен на македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.
Министерот за култура и туризам упати телеграма со сочувство до семејството на Милка Ефтимова.
„Милка Ефтимова беше вистински амбасадор на македонската оперска уметност, пример за врвен професионализам и неисцрпна инспирација за многу генерации млади пејачи. Со својата уметност, таа ја претвораше музиката во неповторливо доживување, оставајќи трајни белези во македонската културна историја“, стои во телеграмата со сочувство.
Милка Ефтимова е родена во Радовиш на 26 февруари во 1936. Завршила средно музичко училиште во Штип, музичка академија во Љубљана.
Во својата долготрајна, богата и плодна кариера, таа отпеа четириесет оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби, застанувајќи повеќе од 1.200 пати на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот.
Со извонредна музикалност и изразито чувство за артизам, таа ги креираше Орфеј во ,,Орфеј и Евридика”, Ацучена во ,,Трубадур”, Еболи во ,,Дон Карлос”, Сузуки во ,,Мадам Батерфлај”, Марфа во ,,Хованшчина”, Урлика во ,,Бал под маски” и многу други, а најголем печат остави во насловната улога на ,,Кармен”. Од оперската сцена јубилејно се прости токму со Кармен на 6 ноември 1991 година.
Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип.
Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Македонија (2022).