Љутков од Крушево: Пред 122 години се роди сонот за праведна, демократска и народна македонска држава

На ова место, пред точно 122 години, се роди надежта, се роди Републиката, се роди сонот за праведна, демократска и народна македонска држава, парача синоќа од Гумење во Крушево министерот за култура и туризам Зоран Љутков при отворањето на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“.
На свеченоста на отворањето на која присуствуваа претседателката Гордана Силјановска Давкова, пратеници, граѓани како и Илинденските коњаници од сите краишта на Македонија, Љутков, прогласувајќи ја за отворена манифестацијата која се одржува по 57-ми пат, рече дека Илинденското востание беше морална победа на потчинетиот над угнетувачот, на Сонцето над мракот, на идејата над силата на империјата, а Крушево е највисоката точка на македонскиот непокор, во која се спојуваат минатото, сегашноста и иднината.
– Крушевската Република беше македонската химера на слободата и скапоцен сноп светлина во петвековниот мрак. И нејзиниот глас сѐ уште одекнува – низ песните, низ приказните, низ зурлите и тапаните, низ иконите, низ занаетчискиот чекан и низ насмевката на секое дете, кое штотуку заучува дека: „Македонија е сè што имаме“. Затоа, и како Влада на Македонија не отстапуваме од својот завет – за грижа кон македонскиот јазик, за инвестиции во националните установи, за одбрана на историската вистина на меѓународната сцена, за праведна застапеност и достоинствен став кон сојузниците и соседите. „Нема мала земја кога е голема љубовта кон неа. А љубовта кон Македонија нема мера“, рече Љутков.
Крушево е олтар на Македонија, наша идеја, чувар на нашиот идентитет, нашата самобитност, нашата слобода со име и презиме.
-Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ не е фолклор – таа е повторно прочитано писмо кон иднината, напишано со крвта на младите востаници, во кои сѐ уште татнат зборовите на Карев: „Јас верувам во мојот народ, во неговата борба, во неговата иднина“, нагласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
На отоврањето на Манифестација на Гумење, градоначалникот на Крушево, Томе Христоски нагласи дека Илинден не е само минато – тој е повик за иднината. Живееме во држава втемелена на Крушевскиот манифест и на Манифестот на АСНОМ.
-Денес, ние не носиме пушки во рака, но ја носиме истата одговорност – да го чуваме достоинството, идентитетот и иднината на нашата земја. Ние се бориме против апатија, против поделби, против заборав. Се бориме за работа дома, за младост што останува, за култура што цветa, за економија што расте. Илинден е светилник што нè води напред. Тоа е потсетник дека Македонија се сака со срце, но и со работа. Со страст, но и со визија. Да бидеме поколението што нема да зборува за Илинден само на 2 август – туку ќе го живее секој ден, со единство, со љубов, со одлучност. Илинден е повеќе од празник – тоа е наш идентитет, наш завет. Тоа е сведоштво дека мал град со големи луѓе може да создаде голема историја. Секоја генерација има свој Илинден. Нашиот е денес. Да бидеме генерацијата што ќе остави трага, што ќе изгради, што ќе создаде, порача Христоски.
Манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“ беше отворена со подигнувањето на бајракот на Републиката и со симболично огласување на Црешовото топче. До 10 август ќе се одржат 30-тина настани.
Централниот настан е на 2 август, на Празникот, кога напладне на Мечкин Камен ќе се одржи народен собир на кој ќе се обрати претседателката Гордана Силјановска Давкова.