Љутков не ја враќа титулата Национален уметник ?


Фото: Б. Грданоски

Засега не, но не велам дека нема, одговори денес министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на новинарско прашање, дали ќе се врати титулата Национален уметник која се доделуваше од 2011 , кога министерка беше Елизабета Канческа-Милевска, и која беше укината во исто време кога беа намалени националните пензии, во 2018 година, кога министер беше Роберт Алаѓозовски. Титулата ја доделуваше претседателот на државата, врз основа на предлог од министерот за култура, а по претходно мислење на комисија. На носителот на титулата Национален уметник од буџетот му се доделуваше месечен паричен надоместок во износ од две просечни плати доживотно и имаше право, со средства од буџетот, да му се издаде монографија за неговото творештво.

Законот продолжи да важи за петтемина од шесте добитници на титулата. Од востановувањето во 2011 таа им беше доделена на: пијанистот Симон Трпчески, режисерот Милчо Манчевски, кралицата на ромската песна Есма Реџепова Теодосиевска, оперските певци Борис Трајанов и Ана Дурловски и поетот Никола Маџиров.

Образложувајќи ја тогаш потребата за укинување на Законот, кога тој беше во прво читање во Собранието, заменик-министерот за култура Владимир Лазовски соопшти дека за надоместоците на петте живи национални уметници за 2017 година се потребни четири милиони денари од Буџетот на РМ или за секој од нив месечно бруто по 66.300 денари.

– Се оцени дека со Законот се направи нерамноправен третман меѓу уметниците, како и помеѓу националните уметници и другите вработени во културата кои имаат примања во многу помал износ од просечната плата во државата, рече  во 2018 година, Лазовски, додавајќи дека постојат и други механизми за стимулирање на творештвото: парични износи кои им се доделуваат на добитниците на државните награди, право на месечен надомест по остварување право на пензија, откупи на дела… (Л.С.)