Љупчо Николовски: Се гради насекаде како никогаш досега


Носителот на листата на СДСМ во Изборната единица 3, Љупчо Николовски, денеска во Пробиштип изјави дека во земјата се гради насекаде како никогаш досега.

„Денес сме овде на патниот правец Пробиштип-Крупиште, кој е во завршна фаза на реконструкција и рехабилитација.

Со овој проект, жителите на Пробиштип ги поврзуваме со Штип, со Кочани, но и со граничниот премин со Бугарија, кај Делчево. Патувајте, поврзувајте се, нека се развива економијата, стопанството, нека се развива трговијата. За овој пат инвестирани се нешто повеќе од 3,4 милиони евра, замислете колку вакви патишта буквално ‘изеде’ ВМРО-ДПМНЕ во белата палата, во лажен барок, во жални врби. Ние инвестираме, градиме, вложуваме во подобар живот за граѓаните. Го реконструираме регионалниот пат Злетово – Пробиштип, го санираме свлечиштето на регионалниот пат Кратово – Пробиштип. За развој на локалната патна инфраструктура за општина Пробиштип вложуваме над 800 илјади евра.

Украдоа милијарди, а не сакаа да ја покачат минималната плата ни денар. Ја држеа на срамни 9.000 денари. СДСМ за само две и пол години ја покачи минималната плата на 14.500 денари. Тоа се 1.100 евра годишно повеќе. И таа плата уште ќе расте.  Ние работиме за граѓаните. Затоа градиме, градиме на Истокот, го поврзуваме со сите делови од државата и со соседните земји.

Станавме членка на НАТО, ќе станеме и членка на ЕУ. Тоа се повеќе пари за справување со корона кризата, за новата македонска економија, за зелена агенда, енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализации, патишта, водовод. Тоа се европски пари за европски стандарди дома. За достоен живот за сите нас.Затоа, на 15 јули граѓаните ќе одберат да продолжиме на прав пат кон ЕУ и НАТО“, рече Љупчо Николовски.