Литванската вечер на „Охридско лето“ ја воодушеви публиката, за прв пат изведено дело од литвански композитор

Композиции од големиот литвански композитор Микалојус Константинас Чиурлионис вчеравечер одекнуваа под акустичните сводови на црквата „Света Софија“ во рамки на Литванската вечер на „Охридско лето“ која се одржува првпат на фестивалот.
Прекрасната атмосфера ја создадоа пијанистите Рокас Зубовас и Соната Девеикуте-Зубовиене кои со своето музицирање ја воодушевија публиката. Како што изјавија тие, овој настап на „Охридско лето“ за нив е многу значаен бидејќи, годинава нивната земја одбележува 150 години од раѓањето на големиот композитор и уметник Микалојус Константинас Чиурлионис и 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Македонија.
-Да се дојде до ваков неверојатен град со богата историја и разновидна култура, за нас е неверојатно искуство. Нашата амбасадорка ни спомна дека ова е првпат да се изведува литванска музика од литвански композитор. Најискрено се надевам дека нема да биде последен пат да се изведуваат дела од литвански композитор. Ова отвора прозорец кон меѓусебно откривање на нашите култури и продлабочување на културните врски, рече пијанистот Рокас Зубовас.
Пијанистите Соната Девеикуте-Зубовиене и Рокас Зубовас започнуваат да настапуваат заедно во 1997 година. Обајцата се победници на меѓународни натпревари, а се образуваат на Литванската музичка академија, како и во Швајцарија и во САД.
Отворајќи ја Литванската вечер на „Охридско лето“, амбасадорката на Литванија во земјава, Вилма Дамбраускиене, упати благодарност за организацијата на овој концерт со литвански уметници.
-Посебна благодарност им упатувам на фестивалот „Охридско лето“ и неговите прекрасни организатори. Ова е првпат да се одржи Литванска вечер како дел од овој славен фестивал. Вашата соработка, вашата отвореност и вашата доверба во вклучувањето на нашите уметници и нашата приказна на годинешната програма ја прават оваа вечер навистина посебна.Се собравме вечерва тука и за да прославиме 30 години дипломатски односи меѓу Литванија и Северна Македонија – три децении доверба, споделени европски вредности и дух. Искрено посакувам , и ќе дадам сè од себе, нашето пријателство и врски да продолжат да се продлабочуваат секоја година, рече литванската амбасадорка Дамбраускиене.
Вчеравечер се одржа и ликовна изложба со репродукции од Микалојус Константинас Чиурлионис (1875-1911), една од највлијателните уметнички фигури во Ливанија – композитор и сликар чие визионерство остава значајно наследство и покрај неговиот краток живот. Неговите иновативни дела во кои се спојуваат музиката и визуелната уметност продолжуваат да инспирираат и да ја одушевуваат публиката насекаде низ светот.