Листа на највредни компании: „Арамко“ го престигна „Епл“, нема германска компанија во првите 100


Глобалната консултатнтска и ревизорска компанија „Ернст и Јанг“ EY објави листа на највредни компании според нивната берзанска вредност во која на чело е саудискиот нафтен гигант „Арамко“ кој го престигна „Епл“. Меѓу 100-те компании со највисока берзанска вредност за прв пат по најмалку 17 години нема германски компании.

„Во првата половина на 2022 година, Германија веќе не е застапена на ова рангирање за прв пат од почетокот на истражувањето во 2006 година, како што објави во неделата ревизорската и консултантската фирма EY. Највисоко оценетата групација со седиште во Германија е софтверскиот провајдер SAP со берзанска вредност од 106 милијарди долари, што е доволно само за рангирањето на 113 место. Според информациите, ‘Дојче Телеком’ се искачи на 120-то место со 98 милијарди долари. Покрај тоа, групацијата за индустриски гасови ‘Линде’, која има седиште во Ирска по спојувањето со ‘Праксаир’, се најде на 74-то место“, пишува Ексорбит.нет.

Според пресметките, нафтената компанија „Сауди Арамко“ е најскапата компанија во светот со пазарна вредност од 2,3 билиони американски долари – дури и пред „Епл“ (Apple).

Севкупно, сепак, малку се промени во доминацијата на американските корпорации на светските берзи: Бројот на американски корпорации што може да се стават меѓу 100-те највредни компании во светот на средината на годината е 60. Пред шест месеци беше 61.

Во средногодишното рангирање на највредните компании во светот, уште осум американски компании се пласираа во првите 10 зад „Арамко“ и „Епл“: „Мајкрософт“, матичната компанија на „Гугл“ – „Алфабет“, „Амазон“, „Тесла“, „Беркшир Хатавеј“, „Јунајтед Хелт“, „Џонсон и Џонсон“ и компанијата – мајка на „Фејсбук“ – „Мета“.

Нафтените и гасните компании го задржуваат трендот

Падот на цените на светските берзи – предизвикан од руската војна против Украина, грижите за рецесија и зголемените каматни стапки – во меѓувреме уништи билиони долари: пазарната капитализација на 100-те најскапи компании во светот падна за 17 отсто или 6,1 билиони долари во текот на првата половина од годината.

Посебно беа погодени технолошките групи, а нивната берзанска вредност падна за вкупно 28 отсто. Енергетскиот сектор беше единствената индустрија што го отфрли трендот: компаниите за нафта и гас кои беа меѓу 100-те најдобри ја зголемија својата берзанска вредност за 19 проценти.

„Масовните политички и економски турбуленции во првата половина од годината оставија јасна трага на светските берзи“, рече Хенрик Алерс, извршен директор на EY. „Значајно помрачните економски изгледи, високата инфлација, зголемените каматни стапки и огромните геополитички тензии доведоа до длабока несигурност – иако многу од врвните компании сè уште објавуваат високи профити“.

Алерс очекува многу тешка втора половина од годината: „Лошите вести се трупаат, многу кризи, од кои некои се разгоруваат една со друга, мора да се надминат, опасноста од глобална рецесија сега е реална“.