Лирман: Индустријализирана Германија ќе биде 100 отсто со зелена енергија, зошто да не може Македонија

Владата треба да обезбеди правилна законска регулатива за  граѓаните да можат да инсталираат соларни панели, вели Ана Лирман во интервју за „Независен“


 

Државната министерка за Европа и за климатски промени, Ана Лирман,  престојува во Македонија за да ја поттурне зелената агенда во време кога цените на гасот, на јагленот и на струјата експлодираат и Македонија на сите страни бара помош за енергетската криза. Таа во кратко интервју за „Независен“ порача дека треба да се обезбеди правилна законска регулатива за  граѓаните да можат да инсталираат соларни панели кои, според неа, се евтини, ефикасни и можат да ја намалат  зависноста од увозот на гас и други горива.   

 

Сите зборуваат за зелена енергија, а бараат очајно гас. Дали мислите дека таа е одржлива опција за Македонија?

Апсолутно. Кризата што ја имаме сега со енергијата и со снабдувањето со фосилни горива како јаглен и гас, што мораме да ги увезуваме од земји на кои не можеме да се потпреме, како Русија, и воопшто со зависноста што ја гледаме од увозот покажува дека единствен излез за нас е да инвестираме во обновливи извори на енергија. Знам дека има планови да се изгради ветерен парк во Македонија со поддршка на германски компании кој може да обезбеди  четвртина од македонската производство на енергија и може да биде завршен многу скоро.

Германија, исто така, планира да стане 100 отсто со обновлива енергија во 2030 година. Сега го забрзуваме тој процес со серија закони што ги усвоивме изминатите месеци и со кои, меѓудругото, направивме да им биде полесно на граѓаните да инсталираат соларни панели.  Ние цврсто веруваме дека и високо индустријализирани земји како Германија можат да се потпрат стопроцентно на обновливи извори на енергија. Тоа е добро не само за животната околина, за климата и за квалитетот на воздухот, туку и ќе нѐ направи сосема независни од земји како Русија. Засега обновливата енергија е најевтина енергија бидејќи цените на гасот и на јагленот експлодираат на пазарот. Затоа, сакаме да ги поддржиме и земјите од Западен Балкан да инвестираат во обновливата енергија што е можно повеќе и да генерираат со неа нови работни места.  

 Наскоро, во ноември, ќе имаме голема конференција во Берлин во рамките на Берлинскиот процес и ова сега се подготовки за тој настан. Сакаме да ги идентификуваме областите каде треба да работиме повеќе заедно. Ќе разговараме како ние, Германија и ЕУ, да соработуваме со земјите од Западен Балкан околу зелената агенда во чие средиште е обновливата енергија, циркуларната економија која вклучува менаџирањето на отпадот  и слично.

 

Македонските функционери деновиве бараат солидарност од ЕУ околу енергетската криза. Има ли шанси за тоа, има ли планови во ЕУ како да им се помогне на земјите кандидати, бидејќи и ние ја плаќаме цената од војната во Украина?

Работиме на тоа. Јасно е дека треба да има солидарност во ЕУ, а исто така и со новите членки и членките на енергетската заедница. Работиме на конкретни инструменти и на конкретни чекори. Тоа исто така ќе биде тема на самитот во рамките на Берлинскиот процес.

 

Дали помошта ќе дојде на време, бидејќи сѐ уште го паметиме искуството со ковид пандемијата и вакцините?

Сосема се согласувам дека помошта треба да дојде брзо, дека ни треба брзо решение за кризата.

 

Ги прашувате ли македонските функционери зошто во олку сончева земја како нашата нема речиси воопшто соларни панели?

Јас јасно се залагам за исталирање на соларните панели, особено што во Македонија условите се многу добри. Има сѐ уште многу предрасуди за обновливата енергија кои доаѓаат од старите времиња, но сега технологијата е толку напредната што навистина работат многу добро и се многу евтини и сигурни поради што ги повикувам сите земји на Западен Балкан да создадат правилна  законска рамка за да бидат инсталирани.

 

Што ќе им одговорите на скептиците во Македонија кои не веруваат дека Македонија почнува преговори со ЕУ и кои сметаат дека францускиот предлог прави повеќе штета на процесот отколку што го одблокира?

Бев во јули во Брисел кога почнаа преговорите. Тоа беше многу радосен настан зошто Македонија навистина чекаше премногу долго за овој ден. Скринингот и преговорите се случуваат во моментов, исто како и со Албанија,  така што е многу јасно дека вратите на ЕУ се широко отворени. Во оваа прилика  сакам да повторам дека Германија е подготвена да ја поддржи Македонија на тој пат.