Град Скопје уверува дека линиите 19, 20, 22, 52 и 54 продолжуваат да функционираат


Линиите 19, 20, 22, 52 и 54 продолжуваат да функционираат непречено и покрај раскинатиот договор со приватниот превозник „Макекспрес“, кој во изминативе години ги опслужуваше посочените линии.

Возниот ред, трасите и постојките на линиите остануваат исти, единствено наместо возила на приватниот превозник, петте линии ќе ги опслужуваат возила и возачи на ЈСП Скопје.

Договорот со приватниот превозник „МАКЕКСПРЕС“ се раскина поради непочитување на обврските од договорот со кој беа уредени условите за начинот на јавен превоз.

ЈСП Скопје и Град Скопје уверуваат дека во ниту еден момент нема да дозволат корисниците на јавниот превоз да останат без услугата, независно од сите околности.

Но, обидот  на СДК.МК да дознае како ќе ги дополнат повлечените 77 автобуси од сообраќај наишол на молк од јавното претпријатие.Директорот на ЈСП „Скопје“ Александар Стојковски  не одговарал на повиците и прашањата со кои автобуси ќе се опслужуваат овие линии, има ли доволно возачи и дали ќе им биде подмирен долгот од пола милион евра на „Макекспрес“. Прашањата следуваа откако граѓани се јавиле во нашата редакција да пријават дека и денеска нема автобуси на овие линии.