Лидија Георгиева ја виде Слаѓана Милошевиќ во црн латекс: Во Белград добивме многу комплименти


Македонската дизајнерка Лидија Георгиева беше единствен претставник од Македонија на модната ревија, замислена како омаж на поп-иконата Слаѓана Милошевиќ (1955-2024), пред бројните модни и музички обожаватели на 54. Модна недела во Белград, во Хангар.

Настанот го отвори директорот на оваа модна манифестација Ненад Радујевиќ, кој му посака добредојде на „фантастичното патување кое трае 47 години, исто колку што траеше и кариерата на Слаѓана Милошевиќ“.

„Се сеќаваме на нејзината одлична музика, но и на фактот дека беше моден камелеон. Со својот изглед и автентичност ја заслужи наградата на белградската модна недела за придонесот и развојот на модната уметност“, изјави Радујевиќ.

Дизајнери од цела ексЈу, синоќа, се претставија со уникатен концепт на зададената тема. 

– Дизајнот содржи елементи од нејзиниот романтичен панк и авангарден период, изработен е на база од мрежа со интегрирани делови од црн латекс во строги геометриски форми кои ја следат анатомијата на телото. На таа основа е додадено ласерски исечено крило од инокс, во соработка со компанијата Завар, а воедно и декоративниот елемент на очите, како индикација на ангелски крила. Ангелското крило е на полно начини континуирана инспирација во мојата работа“, ни изјави од Белград, Георгиева. 

Моделот на Лидија Георгиева зад сцената

-Голема чест и привилегија беше да се учествува на ваков настан. На ревијата имаше 40-тина дизајни, меѓу кои нашиот модел беше доста забележан, добивме многу комплименти од сите страни, ни изјави дизајнерката и професор на ТМФ во Скопје.

Целата програма беше збогатена со музиката на Слаѓана во изведба на нејзиниот бенд, а настапија ѕвезди како Зое Кида, словенечката евровизиска претставничка Раивен, Ивана Петерс, Зејна и Невена Божовиќ, стилизирана како ју принцеза. Марина Перазиќ изведе една песна, додека Ања Рупел, познатата вокална икона на групата Видеосекс, целиот настан го следеше од публиката. (Л.С.)

att.KFiuEd2AT6sB82PTVdlmYL-8QkK4m_FjXGRN0hN4Ti4