Лидерите од Западен Балкан потпишаа нов план за единствениот регионален пазар
Лидерите на Западен Балкан денеска во Берлин го потпишаа новиот Акциски план за единствениот регионален пазар за периодот од 2025 до 2028 година.Заедничкиот регионален пазар заснован на правилата и стандардите на ЕУ е клучен за зголемување на конкурентноста на регионот и негово приближување до ЕУ.
Новиот Акциски план е составен дел од Планот за раст за Западен Балкан. Го операционализира вториот столб од Планот за раст – регионална економска интеграција преку Заедничкиот регионален пазар.Покрај тоа што има за цел зајакнување на соработката во регионот, тоа треба да биде отскочна даска за поширока интеграција со единствениот пазар на ЕУ.
Новиот акциски план се надоврзува на резултатите од претходниот Акциски план од 2021 до 2024 година. Тој беше усвоен на Самитот на Берлинскиот процес во Софија во 2020 година. Постигна конкретни резултати за граѓаните на Западен Балкан, како што се Договорот за намалување на цените на услугите во роаминг во Западен Балкан, Декларацијата за роаминг меѓу Европската Унија и Западен Балкан, отворањето зелени коридори за време на корона вирусот, како и потпишување на 17 договори, односно декларации, со цел да се олесни движењето на граѓаните, студентите и експертите во регионот.