Лидерите од „Отворен Балкан“ пристигнаа во Охрид
Лидерите на земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ денеска пристигнаа во Охрид каде што утре ќе се одржи работниот дел од самитот.
Прес-службата на Владата информира дека претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ на охридскиот аеродром беа пречекани од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Премиерот на Албанија Еди Рама беше пречекан од Методија Димовски, генерален секретар на Владата, додека претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија во Охрид пристигна во текот на вчерашниот ден.
Според агендата, на самитот „Отворен Балкан“ утре ќе бидат потпишани договори и меморандуми за
соработка во туризмот, културата и меѓу даночните управи на земјите од иницијативата, како и договор за соработка за заемно признавање дипломи и научни степени издадени од високообразовни и од други овластени институции.